Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателката на РСПБС Гордана Кожуваровска денеска, заедно со министерот за внатрешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ и в.д. директорот на Агенцијата за безбедност во сообраќајот на Република Србија, Душко Пешиќ ја почнаа заедничката превентивна кампања „Вози одморен“ на граничниот премин Табановце.

Праксата покажува дека заморот е една од главните причини за предизвикување на сообраќајни несреќи особено во летниот период од годината при патување на годишен одмор. Овие превентивни активности се насочени особено на делницата од граничниот премин Табановце до Граничниот премин Богородица, каде во летниот период енормно се зголемува бројот на возила кои минуваат преку овој коридор.

Министерот Тошковски потенцираше дека оваа заедничка кампања е значајна за унапредување на полициската соработка меѓу двете пријателски земји и му се заблагодарил на министерот Дачиќ за помошта што Министерството за внатрешни работи на Србија ѝ ја испрати на Македонија во гаснењето на шумските пожари.

„Денеска сме тука заедно со колегите од Србија да ја поддржиме превентивната акција „Вози одморен“ и да испратиме порака дека е исклучително значајно да се фокусираме сите во превенција на несакани настани кои најчесто се случуваат од премореност на возачите. На долгите патувања како што е патувањето на годишен одмор, клучни се паузите за одмор, на секои 2 до 3 часа неопходно е правење пауза од барем 15-тина минути. Возачите да тргнат на пат одморени бидејќи заморот е голем непријател на безбедното возење. Статистиките покажуваат дека сообраќајните незгоди предизвикани од замор за жал најчесто завршуваат фатално“, рече министерот Панче Тошковски.

Министерот за внатрешни работи на Република Србија Ивица Дачиќ го изрази своето задоволство од оваа заедничка акција помеѓу Република Србија и Република Македонија потенцирајќи го фактот што во текот летната сезона се случуваат голем број сообраќајни несреќи со смртни последици, како и дека податоците покажуваат дека на патиштата во Србија во овој период речиси секој ден по две лица го губат животот во просек.

„За нас е многу важно да го спасиме секој човечки живот, особено животот на децата. Важно е возачите да возат одморени“, кажа српскиот министер и ја истакнал важноста од соработката со македонската полиција во оваа превентивна акција.

Во рамките на активноста на возачите кои во моментот ја минуваа границата им беа поделени вода и летоци со едукативни совети и рекламен материјал во рамките на кампањата „Вози одморен“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.