Местото во Државната изборна комисија (ДИК) и натаму ќе го држи Алијанса за Албанците, вака одговори лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари на новинарско прашање по посетата на средно училиште во Гостивар.

За можноста околу отстапување на местото во ДИК, каде Алијанса за Албанците има еден член, тоа да и припадне на опозицијата, Таравари појасни дека засега тоа не е во план, а за такавата можност, ќе решавале партиските тела.

Ние претходно го баравме тоа место како опозицонери и не го добивме од движењето Беса. Подоцна со смената на составот на ДИК, Алијанса доби место заради изборните резултати. Таму до скоро беше Кренар Лога, кој замина на министерска функција и тоа место е уште испразнето. За номинирање на нов член во ДИК ќе разговараме деновиве внатре во партијата, рече Таравари.

За јавните покани на лидери на други политички партии за коалицирање со некоја од партиите на албанците во Македонија, Таравари не одговори директно, но посочи дека во политиката владеат други правила и како што рече, никогаш не се вели никогаш.

Моментно не се водат такви разговори и не е отворено како можност. Сепак таквите понуди и покани не треба да доаѓаат преку телевизиски обраќања, потенцира лидерот на АА.

Запрашан за коментар и негово видување околу одлуката на Уставен суд, со која се поништи Упатството за изменување и дополнување на упатството кое предвидуваше и графа националност во матичната евиденција, Таравари не сакаше да коментира. Одговорајќи на новинарското прашање, тој додаде дека би било добро и во иднина оваа институција да биде доследна при носењето на одлуки, како што тоа било и во овој случај и да нема двојни аршини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.