Министерот за правда, Кренар Лога денеска го поздрави тоа што предлог-законот за амнестија ќе се најде пред пратениците. Според него, останува на сила истиот закон од 2018 година, но додадени се делата кои нема да се амнестираат, врзани со коруптивните дела.

Лога тврди дека ниту еден избран функционер нема да биде дел од оваа амнестија. Исто така дел од амнестијата нема да бидат и предметите со семејно насилство.

Министерот очекува поддршка од сите политички партии, бидејќи вели ова не е за секојдневна политичка агенда.

Законот не влегува во конкретни предмети. Повикувам да не се игра со имиња и со емоции. Од таму не излегуваат академци, туку се знае – затвореници кои се осудени за кривични дела. Само во ВМРО-ДПМНЕ се случува да влегува затвореник како криминалец, а да излегува како академик и да се пречекува во Белата палата како некој јунак во државата, кажа Лога на брифинг со медиумите.

Додаде дека сите предмети што ќе бидат опфатени со законот, ќе важат.

Доколку биде блокиран законот во Собрание, Лога вели дека со тоа ВМРО-ДПМНЕ и другите партии ќе треба да се демантираат себеси за законот од 2018 година. Тоа е ист закон, повтори министерот.

Освен албуми со слики од условите во затворот во Идризово, пратениците од мене ќе добијат и огледало, за да се прашаат себеси дали ќе дозволат обични граѓани во земјава со помали кривични дела да се враќаат дома како насилници. Да не се злоупотребува ова прашање, посочува Лога што ќе се случи доколку не помине законот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.