Куќата што ја стекнал лидерот на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари во скопско Тафталиџе сè уште е дел од дебатата во парламентот, каде веќе неколку дена трае расправата за владината реконструкција, во чии рамки треба да се изберат нови членови на владата од редовите на најновиот партнер – АА.
„Фокус“ изврши проверка во Катастарот на недвижности, од која произлезе дека Арбен Таравари, преку имотен лист со број 47531, поседува земјиште од 100 квадратни метри и станбен објект-куќа од 261 квадратни метри, на улица Бриселска во Карпош. Всушност, објектот е лоциран на катастарска парцела со број 1432/2, во рамки на катастарска општина Карпош.
Впрочем, Таравари куќата уредно ја пријавил во анкетниот лист доставен до Антикорупциската комисија, каде навел дека ја стекнал по пат на купопродажба за цена од 9.2 милиони денари или 150 илјади евра. Во анкетниот лист не е наведено кога е склучен договорот, но, според одговорите што ги добивме од Таравари, куќата ја купил во 2011 година со помош на кредит.
Во однос на нашето прашање дали куќата е купена од функционер на ДУИ, како што го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ и Николоски, Таравари ни рече дека нема таква информација. Како што истакна тој, куќата му ја нашол пријател, а се договарал со жена која нема врска со политиката. Сепак, не откри за кои луѓе станува збор.
Проверките што ги изврши „Фокус“ покажуваат дека новата куќа на Таравари, е лоцирана веднаш до неговиот кумашин, сопартиец и иден министер за здравство Фатмир Меџити, како и на Љупка Еда Јахоска, економист во нафтената компанија „Пуцко Петрол“, во сопственост на семејството на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски.
Целата сторија на „Фокус“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.