Техничкиот премиер Талат Џафери денеска ќе разговараl со директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и лидер на партијата „Достоинство“ Стојанче Ангелов откако тој во неделата најави дека излегуваат од коалицијата предводена од СДСМ и дека разговара за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку јавно најавил дека не е зад владината програма, од формален аспект секако дека како премиер ќе започнам одредени постапки во однос на кадровското решение, ќе донесам и соодветна одлука. Секако дека тоа што се вели на телевизија не е за започнување на постапка, но јас утре директно ќе комуницирам со директорот. Така што како ќе биде, сметам дека ќе заврши со разрешување, нема друг начин, а за тоа дека сме во изборен период тоа треба да го реши друг орган, изјави Џафери одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Теарце.

Лидерот на „Достоинство“ во неделата во изјава за медиумите рече дека поради неисполнети очекувања за надминување на проблемот со кој сѐ уште се соочуваат необесштетените воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители, „Достоинство“ ќе излезе од коалицијата со СДСМ. Иницијативите на „Достоинство“ поднесени до Владата и Собранието, со кои, како што рече, нуделе решение на овој проблем, добивале постојана поддршка од страна на поранешниот премиер, Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но, според нив, поради противењето на ДУИ, истите не поминале.

Ангелов информираше и дека раководството на партијата донело одлука да ја прифати можноста да влезе во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека предложил оставка од директорската позиција но дека таа не била прифатена.

Сепак вели и дека останува подготвен да остане на чело на ЦУК, но додава дека доколку биде разрешен ќе се врати на своето претходно работно место во М-Нав.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.