Студенти од Бугарија и Македонија ќе можат бесплатно да студираат на универзитети во соседната земја. Секоја година, владите на двете земји ќе финансираат до четири стипендии кои ќе покриваат целосни дипломски или магистерски студии. Ќе бидат обезбедени и пет стипендии за еден семестар. За нив ќе можат да се пријават оние кои сакаат да студираат на сите специјалности, освен медицинските и оние од уметноста и спортот.
Ова е предвидено со билатералната програма за соработка во областа на образованието, што денеска во резиденцијата „Бојана“ ја потпишаа министерот за образование на Бугарија Николај Денков и неговиот македонски колега Јетон Шаќири, јави дописникот на МИА од Софија.
Со документот Македонија и Бугарија се обврзуваат да обезбедат обука за најмногу тројца докторанти годишно. Ќе се обезбедат и средства за постдипломски квалификации за период од два до девет месеци. Се очекува ректорите на универзитетите да одржат заедничка средба на која ќе се разговара за можностите за заеднички истражувачки проекти и вмрежување во двете земји. Ќе се поттикнува образовната мобилност на студенти, наставници и истражувачи, како и научно-техничката соработка меѓу Бугарската академија на науките и МАНУ.
Програмата, исто така, предвидува Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања да даде препораки за правилна презентација на наставните материјали во учебниците во Македонија и Бугарија. Овие препораки ќе бидат усвоени и имплементирани од владите на двете земји.
Потпишана е и Програма за соработка во областа на културата, како и Меморандуми за партнерство за млади и спорт помеѓу националните агенции Еразмус + и Европскиот корпус за солидарност. Тие вклучуваат заеднички културен календар, стипендии за млади уметници, пријателски фудбалски натпревар меѓу двете влади, младински изложби и други активности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.