Специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич во интервју за МИА порачува дека сите македонски политичари треба добро да размислат што е во најдобар интерес за државата и за граѓаните, кои живеат во неа и нагласи дека е време сите политички чинители да помогнат во пристапувањето на Македонија во Европската Унија.

Одговарајќи на прашање за уставните измени и фактичката состојба дека реално во моментов не е обезбедено потребното двотретинското мнозинство, со оглед на тоа што опозицијата е децидна дека нема да поддржи промена на Уставот и опстојува на ставот за предвремени избори, Пич изјави дека би било нечесно кон луѓето од оваа земја да се одложи европскиот пат на кој различни влади напорно работеле во текот на многу години.

На ова не треба да се гледа само како победа на Владата што е на власт сега, тоа е победа на сите претходни влади и пред се за македонските граѓани. Свесни сме дека патот не беше лесен и дека имаше многу препреки во текот на годините и затоа ги охрабрувам сите политичари да не дозволат политиката да влијае врз една од најважните стратешки цели уште од осамостојувањето на Македонија. Потребен е заеднички напор за Македонија да стигне до повеќе од заслуженото членство во ЕУ, нагласува Пич.

Тој изразува загриженост поради неодамнешните тензии во билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија, но додаде и дека е уверен оти постои значителен степен на добра волја кај сите страни и верува дека ќе се најде решение.

Македонија и Бугарија се земји членки на НАТО, сојузници и со исти гледишта. Во однос на моменталните односи, двете земји треба да го земат предвид поширокиот контекст и геостратешките поместувања во регионот. Обединетото Кралство продолжува да ги охрабрува и Македонија и Бугарија да продолжат да работат на подобрување на билатералните односи што ја поддржуваат Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, вели Пич.

Во однос на бугарските клубови во земјава, кои имаат називи поврзани со фашистичкото минато, Пич нагласува дека е потребна сензитивност околу моќта на симболите, јазикот и историјата, особено во контекст на Западниот Балкан.

Знаеме дека ова е регион каде историските личности различно се паметат од различни заедници и затоа е многу важно изразувањето на идентитети да не дава дополнителни основи за поделби. Слободата на здружување и изразување се важни, но исто така е важно, би рекол императив, да се избегнуваат навреди, вели Пич.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.