Одличната соработка на Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на образованието и науката ќе продолжи и во иднина. Интересот е взаемен и двете земји и понатаму ќе создаваат добри образовни и научно -истражувачки можности за своите граѓани преку постојните спогодби и протоколи за соработка, а ќе се размислува и за нови иницијативи кои ќе овозможуваат размена на позитивни образовни и научни искуства.
Ова беше потврдено на денешната средба на министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и амбасадорката на САД во Скопје, Анџела Агелер на која двете страни ја потенцираа важноста, но и задоволството од развојот на стратешкото партнерство, кое носи придобивки и за македонскиот и за американскиот народ, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН).
Министерката Јаневска ја запозна амбасадорката со состојбите кои ги затекнала во министерството и воопшто во образованието во државата, а презентираше и дел од активностите во рамки на планот на новата Влада за подигнување на квалитетот на националниот образовен систем, потенцирајќи дека промените ќе се случуваат одеднаш во сите образовни сегменти и нивоа.
Информираше дека се подготвува и Декларација за националното образование која ќе биде предложена на сите политички субјекти со цел постигнување на консензус за долгорочни политики, а заложбата беше поздравена од страна на амбасадорката.
Јаневска рече дека од исклучителна важност за Македонија се програмите за образовна размена со САД, потенцирајќи ја особено Фулбрајт програмата за студиски и истражувачки посети во партнерската земја, како и YES програмата наменета за средношколци кои имаат можност да поминат една година на некој од американските колеџи.
Амбасадорката Агелер исто така изрази задоволство од билатералните односи и нагласи дека САД и во иднина ќе ги поддржуваат напорите на Владата за подобро образование на младите во државата.
На средбата беше нагласена и добрата соработка на институциите во Македонија со Канцеларијата на УСАИД, особено преку заедничките проекти за меѓуетничка интеграција во образованието и за медиумска писменост, како и соработката со Мировниот корпус чии волонтери помагаат за поквалитетна настава на англиски јазик во македонските училишта.
Првата спогодба за соработка во областа на науката и технологијата меѓу Македонија и САД е потпишана во 1995 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.