Претседателот на Владата на Република Македонија, Талат Џафери, во рамки на посетата на Брисел, оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
На средбата присуствуваа првиот заменик на претседателот за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Ова е прва посета на Брисел на Џафери како премиер, и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, му честиташе за функцијата, нагласувајќи дека претстојниот период е од исклучителна важност за државата која треба да спроведе европски избори и да го задржи европскиот правец.
На средбата беа разменети ставови за поддршката на Европската Унија во процесот на евроинтеграции на Македонија, како и за текот на реформските процеси во земјата кои се од исклучителна важност за напредокот.
Соговорниците констатираа дека обновениот моментум на ЕУ за проширување е добредојден и треба да биде поттик за спроведување реформи во земјите од Западниот Балкан, со фокус на Планот за раст на Западен Балкан и побрза интеграција во Европската Унија.
Премиерот Џафери на средбата истакна дека ЕУ перспективата останува главен двигател на промените но и помирувањето во Регионот.
Соговорниците на средбата истакнаа дека Македонија негува одлични односи со сите земји од Западен Балкан. Минатата година, како земја претседавач со ОБСЕ, Македонија потврди дека во континуитет е кредибилен партнер на ЕУ и на меѓународната заедница.
Премиерот Џафери упати благодарност до претседателот на Европскиот совет, Мишел за поддршката во процесот на европско интегрирање на земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.