Социјалистичката партија на Македонија реагира на неодговорниот однос на Владата со доставување до Собранието на документ од само еден лист хартија и пишани 25 реда.
Покрај бегањето од одговорност, тоа е всушност вистинскиот однос на Владата за еден од историски најсериозните проблеми со кој се соочуваат македонскиот народ и држава, со опасност од нивно исчезнување.
Владата до Собранието не ги приложи преговарачката рамка во целина, општиот став и заклучоците од страна на ЕУ, а до ден денешен Владата сèуште го крие и го нема доставено двостраниот македонско-бугарски протокол.
Индикативна е и воздржаноста на собранискиот спикер затоа што тој, наместо да молчи, е обврзан или да ја врати Информацијата или да ги побара сите документи кои не се доставени до законодавниот дом, а со тоа на пратениците да им обезбеди услови за водење дебата. Во спротивно, ќе се потврди неговата неподготвеност за почитување на собранискиот Деловник и сервилноста кон извршната власт.
СПМ укажува дека 75% од Македонците се против понудената бугарска преговарачка рамка која власта се обидува да ја редефинира како европска. Владата го игнорира расположението на народот, иако индикаторот на незадоволството е огромен и десетици илјади гневни и револтирани граѓани секој ден масовно се присутни на протестите.
Тоа е сериозна опомена до власта која очигледно не сака или неможе да ја разбере.
СПМ предупредува дека обидот на Владата за релативизирање на катастрофалната преговарачка рамка, за која дала согласност, ја усложнува нејзината ионака безизлезна ситуација, од која најголема штета имаат македонскиот народ и држава, за што мора да е свесна. Исто како што треба да е свесна и за сопствената одговорност.
Социјалистичката партија на Македонија напоменува дека преку своите пратеници, во состав на Коалицијата ,,Обнова на Македонија”, е подготвена за дебата со конкретни предлози, но само во случај на почитување на достоинството на пратениците, како и со задолжителното располагање со целата документација, како услов за нормална работа, а за што е потребна висока свесност, одговорност и сериозност од Владата и мнозинството, кои во моментов ги нема и ниту ќе ги има.
Оттаму очекувањата за квалитетна собраниска дебата со евентуално подобрување на македонските позиции, кога тоа и да се случи, изгледаат сè помалку реални, што дополнително ќе го зголеми притисокот на јавноста – се вели во соопштението на СПМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.