МВР ги презема сите потребни активности за обезбедување мирно и безбедно чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Тогаш кога ќе се процени дека треба да има поголемо присуство на полицијата ќе го има, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во изјава за медиумите по вториот панел од годишната конференција „Година на нови можности“.
Тој апелира до сите политички субјекти да бидат одговорни во овој процес, бидејќи неодговорноста не прави добро на граѓаните. Упати порака до граѓаните да останат смирени.
Во однос на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и дали ќе биде пуштен во државава на 4 февруари, Спасовски рече дека на основа на сите анализи ќе ја донесат одлуката.
Споделуваме информации во однос на тоа што се очекува, а одлуките ќе ги носиме кога ќе дојде време. И двете држави и двете министерства за внатрешни работи ќе направат сѐ за да не им се остави простор на радикалите кои сакаат да го нарушат односот меѓу двете држави. Мора да се деескалира состојбата. Нема да дозволиме никаква ескалација на состојбата ниту инцидент, ниту понижување на македонскиот народ и држава, рече тој.
Коментирајќи ја средбата со неговиот бугарски колега Спасовски рече дека добиени се гаранции дека нема официјална политика што може да се базира на негирање на народ или држава.
Тоа е основа за секакво идно партнерство што треба да го имаме и на средбата беше изразен јасен став дека добрите односи меѓу двете држави се важни за цлеиот регион, порача Спасовски.
Тој нагласи дека институциите функционираат и дека тие се должни да ги обезбедат сите мерки и активности. Министерот порача дека треба да се напушти потпалувачката реторика која ја слушаме од патриотските здруженија.
Тој упати апел до граѓаните да не подлегнуваат на кој било повик и да не преземаат надлежност што е во ингеренции на институциите.
Министерот наведе дека од такви минати дејствија може да се согледа дека лицата кои повикуваат остануваат нечепнати а оние кои посегнале по државата и институциите сега се во затвор.
Никој во оваа држава не смее да биде и нема да биде над државата, порача Спасовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.