Денеска се навршуваат шест години од катастрофалните поплави што ги погодија Стајковци, Смилковци, Синѓелиќ и Арачиново, при што животот го загубија 22 наши сограѓани, а беше предизвикана огромна материјална штета, објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Фејсбук.

Се присетуваме на солидарноста и херојството од страна на граѓаните од целата држава, но не може, а да не се присетиме и на причините кои доведоа до ваквите последици – незаинтересираноста на тогашната власт за современа инфраструктура и безбедност на граѓаните, напиша Спасовски.

Можам со задоволство да кажам дека, подвлекува министерот Спасовски, денес сликата е поинаква, вложивме многу, а придобивките се евидентни за овие скопски места – отворена канцеларија за превенција, асфалтирани улици, чисти речни корита, нова водоводна мрежа, нова градинка во селото Стајковци.

Рамномерниот регионален развој и инвестирање во локалната инфраструктура се влог за безбедноста на граѓаните!
Никогаш да не се заборави и никогаш да не се повтори ваква трагедија!, напиша на фејсбук Спасовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.