Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на Градскиот плоштад во Куманово, во присуство на дел од раководството на МВР, претставници на Македонскиот полициски синдикат, Локалниот совет за превенција и пратеници ја промовираше заедничката кампања на МВР и МПС, „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“, чија цел е доближување до граѓаните за суштината, вредностите и карактеристиките на концептот – полициско работење со заедницата, важноста на градењето партнерство помеѓу полицијата и граѓаните, но и механизмите за контрола врз полицијата што придонесуваат за зголемување на нејзиниот кредибилитет и интегритет.

Министерот во своето обраќање потенцираше дека полицијата како институција задолжена за безбедноста на граѓаните и општеството има една од најважните улоги во државата и заедницата.

„Таа го гарантира редот, мирот, безбедноста и владеењето на законите. Полицијата работи на сузбивање на криминалот и води бескромпромисна борба со сите криминогени појави во општеството, истовремено преземајќи и превентивни мерки за зголемување на сигурноста на граѓаните, го заштитува уставниот поредок и почитувањето на основните права и слободи за граѓаните и, секако, обезбедува граѓански услуги“, потенцираше Спасовски.

Спасовски истакна дека сите сериозни реформи и материјално технички унапредувања кои се реализираа последниве неколку години во МВР се со цел градење на полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните и работното мото под кое МВР функционира е „МВР за граѓаните “.

„Факт е дека граѓаните најдобро знаат со какви предизвици се соочуваат во заедницата во која живеат, а полицијата е секогаш првиот пријател во неволја. Оттука, заедничкото работење меѓу полицијата и локалното население е круцијално за идентификување на проблемите, поставување на приоритети и решавање на современите предизвици на локалната заедница поврзани со криминал, социјални и физички нарушувања. Притоа, активно соработуваме со единиците за локална самоуправа, посебно Локалните совети за превенција и советодавните групи на граѓани, што ќе овозможи заедничка одговорност при решавање на проблемите“, рече Спасовски, додавајќи дека ќе се продолжи со преземање мерки за континуирано етаблирање на видлива и приемчива полиција, која ќе има слух за грижите на граѓаните и ќе одговори на потребите на заедницата, ќе биде отчетна и транспарентна во своите активности.

Според министерот за внатрешни работи досегашните напори беа наградени со висока доверба од страна на граѓаните, драстично зголемена од порано, а според нивните оценки полицијата стана една од трите најтранспарентни институции во државата. Така, активната транспарентност на МВР од просечни 59.5% во 2016, во 2022 достигна високи 91.7%, што претставува скок за 32.2%, поминувајќи три нивоа, од крајно затворена институција до многу добра активна транспарентност.

„Затоа и решивме да ја спроведеме оваа кампања по сите сектори за внатрешни работи во државата, и на овој начин уште повеќе да ја доближиме полицијата до граѓаните, преку концептот ‘Полицијата и граѓаните’, а планската соработка придонесува за спречување на криминалот, при што резултатот е зголемена безбедност и подобар квалитет на живеење, нешто што сите заеднички го посакуваме“, порача министерот Спасовски.

Претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Марјан Кицев во своето обраќање истака дека граѓаните најдобро ги знаат проблемите и предизвиците со кои се соочуваат секојдневно во средините каде што живеат.

„Полицајците се нашите херои кои секојдневно покажувате на дело како се сака државата и како се извршува службата што им е доверена. Исправени гордо на браникот на нашата држава ја манифестираат нивната човечност и саможртва, оставајќи пример за идните генерации, пример за тоа како се сака и почитува својата татковина во време на бројни предизвици со кои секојдневно се соочуваат како во минатото така и денес“, рече Марјан Кицев, додавајќи дека многу е важна довербата и почитта што ја имат граѓаните кон полицијата, затоа што без доверба нема комуникација, без двонасочна соработка, полицијата нема да може целосно да ги препознае и лоцира реалните проблеми на граѓаните.

„Да се водиме од светските практики каде граѓаните имаат беспрекорна комуникација со полицијата и ги информираат за секое негативно поведение кое ќе го забележат во околината. Бидејќи ако денес провалникот е кај комшијата, сте го виделе, а сте премолчиле, со што истиот ќе ја избегне правдата, утре охрабрен може да дојде кај вас, во вашиот дом. Затоа заеднички да градиме доверба и почит, бидејќи полиција сме сите ние, само заеднички можеме да придонесеме за посигурна и побезбедна средина во која што живееме“, порача претседателот на Македонскиот полициски синдикат.

Кампањата „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“ почнува денеска во осум градови на Секторите за внатрешни работи и ќе продолжи во следните четири викенди низ поголем дел од градовите во државата, при што полицијата преку делење едукативен материјал и непосредни разговори со граѓаните од страна на полициски службеници ќе биде одблиску презентирана улогата на полицијата во заедницата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.