На дебатата на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани посветена на европските интеграции и уставните измени во рамките на акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените!“, универзитетскиот професор Александар Спасеновски истакна дека реалноста во која што живееме зборува за уникатната ситуација во која што се наоѓа државата, Република Македонија по многу нешта е уникатна кога станува збор за интеграцијата во Европската унија и генерално кога станува збор во однос на се што има правено во минатото за да го осигура својот демократски развој.

„Од нас како што можеме да видиме, за жал, тоа е предмет и на истражување и на примери во учебници, многу често се барале, а за жал и денес се бараат исполнување на критериуми, завршување на определени работи, реализирање на определени обврски кој што не се дел од основните обврски кои што беа исправени пред други држави членки на Европската Унија и тоа, за жал, е една тажна реалност во која што живееме и која што постојано ја повторуваме. Во таа смисла, сметам дека ова кое што сега како тема е исправено пред нашата држава, не е воопшто добро, не е воопшто вообичаено и е нешто кое што, навистина, може да има сериозни последици врз самата држава“, истакна професорот Спасеновски.

Тој посочи дека причините за тоа можеме да ги бараме во повеќе делови, од кои смета дека два се исклучително важни и од кои првата група на причини не зависеле од нас и дека Република Македонија не бираше да има соседи какви што има.

„Република Македонија со ништо не го провоцираше однесувањето на соседните држави во минатото во однос на сопствената државност. Таа се соочи со определени поведенија кои беа наметнати и се обидуваше во рамките на реалностите на меѓународната политика, во кои што како што вели еден наш професор, силните го прават тоа што можат, а слабите тоа што умеат повикувајќи се, пак, на едни дамнешни историски записи, да плива и да ги реализира своите интереси. Значи, од една страна ние не биравме кои ќе бидат наши соседи и какви барања тие ќе ни испорачуваат. Ние можеме да жалиме за сето тоа, да го осудиме сето тоа, но такви се нивните ставови и ние тие проблеми кои што ни беа наметнати, се обидуваме да ги решаваме“, рече Спасеновски.

Додаде дека постои еден друг проблем, кој што е исклучително значаен, а кој што зависи од нас, а тоа е начинот на кој што ние се однесуваме решавајќи ги проблемите и соочувајќи се со тешките прашања.

„Сметам дека отсуството на политичко единство, а најголема вина за сето тоа, без друго, го носат партиите од власта, е нашиот најголем проблем. Повторно го поставувам прашањето, дали ние ќе имавме подобри преговарачки позиции, кога станува збор за уставните измени во минатото или за некои уставни измени кои што ќе следат, доколку имавме политичко единство помеѓу партиите од власта и партиите од опозицијата? Дали ќе беше подобро за власта, за државата во целина доколку ВМРО-ДПМНЕ биде дел од некои разговори пред да се донесат финалните одлуки или е подобро ситуација во која што имаме маргинализирана опозиција и ситуација во која не се слушаат ставовите на 80% од граѓаните на државата? Доколку опозицијата, доколку сите клучни политички фактори беа дел од разговорите пред да се вообличат финалните обврски на државава, а тоа е измената на уставот, немаше да дојдеме до оваа ситуација, немаше да имаме ваква обврска заради тоа што ќе демонстриравме поголемо политичко единство. Можеби сме слаби, но треба да ги искористиме сите ресурси што ги имаме на располагање. А, нашиот најголем проблем е недостатокот на политичко единство“, посочи професорот Спасеновски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.