Денеска, 24 февруари 2022 година, во Кабинетот на претседателот се одржа 15. седница на Советот за безбедност на која се разговараше за безбедносната состојба во земјава и регионот поврзана со руската агресија врз Украина.

На седницата беа присутни редовните членови на Советот: претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Владата Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и членовите именувани од претседателот: Трајан Гоцевски, Ненад Марковиќ и Ветон Љатифи.

На покана на претседателот, на седницата на Советот присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање, заменик-директорот на Агенцијата за национална безбедност и Началникот на Генералштабот на Армијата.

На седницата линковски се вклучија и амбасадорот на Македонија во НАТО и амбасадорот во Киев, кои информираа за најновите случувања во Украина и за преземените активности во рамки на НАТО.

На седницата на Советот за безбедност беа осудени воените дејствија кои Русија ги презема над Украина, кои веќе донесоа загуба на човечки животи и материјална штета.

Членовите на Советот констатираа дека безбедносната состојба во земјата е стабилна. Потребно е надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено дејствување.

На седницата беше информирано дека земјава има доволно стокови резерви и енергенси. Надлежните институции беа задолжени секојдневно да ги следат состојбите, за да се интервенира доколку има потреба.

Во однос на македонските граѓани кои се наоѓаат во Украина, државата ги презеде неопходните мерки за нивна безбедна евакуација, како и на вработените во нашата амбасада во Киев.

Како НАТО членка, Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците во однос на идните активности кои ќе се преземат од страна на сојузниците.

Членовите на Советот беа информирани за активностите кои ги презема Владата, во контекст на пакетот рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се приклучи и Македонија, а кои опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина. За нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата.

Советот за безбедност упатува апел до сите политички чинители за одговорно однесување и воздржување од потпалувачки говор и ширење на дезинформации кои се спротивни на националните интереси на државата, имајќи предвид дека сме членка на НАТО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.