Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков, соопшти дека завршила денешната рунда преговори со Министетрството за образование и наука под покровителство на помирувач и дека преговорите ќе продолжат в петок кога очекуваат и конкретни одговори на нивните предлози.

Заврши денешната рунда на преговори со МОН, под покровителство на помирувач. Сите прашања кои се отворени, врз основа на нашите барања беа дискутирани, анализирани, аргументирани од двете страни – објави Неделков на Фејсбук.

Синдикалниот лидер изјави дека се на почеток на преговорите, но дека не почнуваат од нула што, рече, би одзело многу време и енергија.

Сите имаме очекувања да излеземе од овој штрајк со позитивен резултат и не како победници, туку како социјални партнери, кои ќе најдат заедички прифатливи решенија, каде што нема да има победници и губитници… Најголемата придобивка е отворање на Пандорината кутија за усогласување на платите во сите дејности и во приватниот и во јавниот сектор – изјави Неделков.

Тој додаде дека рокот за медијација е десет дена за усогласување на ставовите и ако во текот на тој рок не се постигне договор преговорите ќе мора да се продолжат за уште десет дена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.