Според најавите од двете страни во понеделникот, средба деновиве ќе има во обид да се постигне решение за барањето на Синдикатот.
СОНК не отстапува платите на вработените во дејностите образование и детска заштита веднаш да бидат зголемени за 18,4 отсто согласно со порастот на минималната плата која од овој месец е 18.000 денари и, дополнително, таа да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков вчера соопшти дека од Владата очекуваат покана за работна средба на која повторно ќе ги изнесат своите аргументи за издржаноста на нивното барање. Се надева дека ресорните министерства или Владата ќе излезат со конкретен предлог за зголемување на платите кој ќе биде прифатлив од мнозинството негови членови.
-Со тоа би се донело, во најкраток можен рок, одлука за прекин на штрајкот и продолжување на нормалниот тек на воспитно-образовниот процес, објави Неделков на Фејсбук, кој за текот на вториот ден од штрајкот информираше дека не биле регистрирани посериозни проблеми или притисоци врз штрајкувачите.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, порача дека се отворени за дијалог за раст на платите кој нема да биде условен од штрајкови и незадоволства. На својот фејсбук-профил претседателот на Владата напиша дека го охрабрува Синдикатот да го продолжи дијалогот за трајно решение преку заеднички утврден модел за раст на платите.
– Отворени сме за дијалог за постигнување систем за раст на платите кој нема да биде условен и предизвикуван од штрајкови и незадоволства. Во таа насока, го охрабрувам синдикатот да го продолжи дијалогот и да ја преземе одговорноста за трајно решение за раст на платите преку заеднички утврден модел, напиша Ковачевски.
Владата во соопштение го повика синдикатот заедно да најдат модел за раст кој, како со договорот за минималната плата, ќе се врзе за порастот на просечната плата и со порастот на трошоците за живот, укажувајќи дека барањата треба да бидат реални и да произлегуваат од чувството кое го налага моментот.
– Растот на платите за вработените во образование и во градинките е во времето на оваа Влада и колективниот договор потпишан 2019 година во јуни. Дебатата за новиот колективен договор е шанса за трајно решавање на континуираниот раст на платите, наведе Владата информирајќи дека платите на вработените во образованието и во детската заштита во периодот од 2017 до 2022 година се зголемени за 21 процент.
Платата на наставник во основно образование, соопшти Владата, е зголемена за 3.267 денари, а во средно образование за 4.353 денари, заедно со додатокот за минат труд, и дека сега добиваат плата 24.786 денари во основно и 25.642 денари во средно.
Со воведувањето на новата методологија за пресметка, посочи Владата, од 2017 до 2020 е постигнато најголемо зголемување на платите на вработените во градинките. Разликата во платата за негувателите сега, во споредба пред пет години, е 5.067 денари, а воспитувачите во однос на 2017 година, сега добиваат за 6.442 денари повисока плата, заедно со додатокот за минат труд.
СОНК ја одби поддршката за штрајк што му ја понуди Прогресивниот синдикат на образование (ПРО) доколку се согласи со нивното барање за линеарно зголемување на платите во јавниот сектор за најмалку 2.800 денари нето износ кое, според овој синдикат кој е во состав на Сојузот на синдикати на Македонија (СММ), е најодржливо решение. ПРО при ССМ бара со Законот за наставници и стручни соработници да се регулира идното зголемување на платите во образованието процентуално, согласно зголемувањето на минималната плата.
– Доколку СОНК го поддржи ова наше барање, ние ќе се приклучиме официјално кон штрајкот, а, се разбира, ССМ веќе соопшти дека ги става на располагање своите капацитети во насока на спроведување на активностите кои ги преземаат синдикатите за зголемување на платите за најмалку 2.800 денари во нето износ за сите вработени, вклучително и просветните работници, соопшти ПРО.
СОНК во реакција, во која нагласи дека „не е етички синдикат да условува друг синдикат за давање поддршка во период на генерален штрајк”, одговори дека за неговите членови е неприфатливо зголемување на платите линеарно. Останува на ставот дека вреднувањето на трудот и зголемувањето на платите треба да биде во согласност со колективните договори за што, пак, доби поддршка од Независниот академски синдикат (НАкС).
Овој синдикат во соопштение укажа дека со порастот на минималецот, нужно е зголемување на платите за сите вработени, вклучително и за вработените во високото образование и науката, со цел, како што посочи, „да се избегне изедначување на надоместокот што го добиваат вработените што вршат работа со различна сложеност или различен степен на образование”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.