Кампањата „Бидете херои на чесноста“ за борба против корупцијата денеска продолжи во основното училиште „Коле Неделковски” со цел да ги охрабри учениците од основните училишта да станат херои на чесноста промовирајќи интегритет, транспарентност и одговорност во општеството.
„Ние како наставници не сме само дел од образовниот процес, туку активно учествуваме и во воспитувањето на учениците, буквално како втори родители. Токму затоа имаме одговорност да им го покажеме вистинскиот пат и да бидеме пример од кој ќе може да научат дека чесноста, интегритетот и етичноста се доблести за секој човек, за секое дете и ученик“, изјави директорката на училиштето, Светлана Масларевска.
Оваа кампања на Државната комисија за спречување на корупцијата е дел од Активноста за анти-корупција и интегритет која ја спроведува Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС, а е финансирана од УСАИД.
„Потребно е да ги едуцираме идните генерации за штетите од корупцијата од мали нозе, за да имаат втемелени вредности за интегритет и чесно однесување во општеството. Токму затоа, заедно со родителите и наставниците да им го покажеме патот на посветеност за борба против корупцијата и негување култура на транспарентност и одговорност“, истакна Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Преку кампањата ученците и ученичките се едуцираат за поимите интегритет и корупција, сé со цел да се подигне свеста кај нив за штетните ефекти од корупцијата, како и да создадеме антикорупциско движење во земјава кое би придонело за општество со нулта толеранција за корупција.
„Ние живееме во демократски општества и треба да им ја покажеме на најмалите штетата од корупцијата која го попречува општествениот напредок. Вистинско време е за учениците да се запознаат и да ја препознаат корупцијата низ секојдневните примери, бидејќи и кога некоја ситуација навидум изгледа безопасно, сепак може да ги поткопа темелите на демократијата и правниот систем“, рече Златко Симоновски, проектен службеник при Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во Скопје.
До крајот на годината предвидено е да се посетат вкупно 13 училишта во кои ќе се едуцираат учениците и ученичките како да се сузбие корупцијата во земјава. Првиот настан од кампањата се одржа во основното училиште „Петар Поп Арсов“ во општина Карпош, во која учествуваа 120 ученици од седмо до деветто одделение. Настанот започна со интерактивен разговор на учениците со познатиот актер Игор Ангелов, во својство на водител на едукативното предавање, а според сценарио на Елеонора Венинова, истакната македонска режисерка и сценаристка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.