Не стивнуваат реакциите по тешкиот вооружен инцидент кој вчера утро се случил на аеродромот на ТАВ во Скопје, кога член од обезбедувањето на собранискиот спикер Африм Гаши се заканувал на вработен на аеродромот бидејќи не дозволил косовската претседателка Вјоса Османи да ја прескокне скен контролата.
Според информациите од МВР, во ВИП делот за проверка на патниците кои слетале од Париз била и косовската претседателска Вјоса Османи. Во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа сепак багажот бил вратен и поминал низ скенер.
По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието Гаши кој бил полициски службеник со уште две други лица исто така вработени во МВР и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој ѝ направил проблем на претседателката.
При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин.
Но, според написите на дел од медиумите расправијата прераснала во инцидент откако обезбедување на Гаши освен вербалните закани извадило и пиштол и го вперило кон вработени на ТАВ и вработен на граничниот премин на Аердоромот.
Од МВР, информираат дека веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со обвинителството при Одделнието за борба проитв организран криминал се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што, велат ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Од одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија реагираат дека постапиле во рамките на своите овластувања и спровеле стандардна безбедносна проверка на претседателката на Косово Вјоса Османи Садриу и на нејзиниот багаж на пунктот за безбедноста проверка во ВИП-салонот со што, како што потенцираат – воопшто не беше загрозена авијациската безбедност и безбедноста на патниците.
-Во согласност со Законот за воздухопловство и меѓународната законска регулатива која се однесува на обезбедување на цивилното воздухопловство, ТАВ Македонија како аеродромски оператор има законска обврска за спроведување на безбедносен преглед на сите патници, багаж и стоки на летовите од Меѓународниот аеродром Скопје и од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, вклучувајќи ги и патниците кои патуваат преку ВИП-салонот. Оттука, Одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија, постапувајќи во рамките на своите овластувања спроведе стандардна безбедносна проверка на споменатиот патник како и на неговиот багаж, на пунктот за безбедноста проверка во ВИП- салонот, со цел обезбедување на конкретниот комерцијален лет, велат од ТАВ.
По повод инцидентот на Скопскиот аеродром, се огласија и од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, oд каде велат дека тој демантира какво била вмешаност на членови на неговото лично обезбедување во денешниот инцидент на скопскиот аеродром.
Наспроти овие информации, членовите на безбедносниот тим на претседателот на Собранието Гаши биле присутни само за да се смири ситуацијата настаната од недоразбирањето меѓу обезбедувањето на претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, и припадниците на аеродромското обезбедување, велат од Кабинетот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.