Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска ќе почека да види дали надлежните органи ќе утврдат вина кај државниот секретар за култура Валмир Азири и потоа ќе одлучи дали ќе му предложи на премиерот Димитар Ковачевски тој да биде разрешен. Ова е одговорот на министерката на прашање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски дали ќе предложи разрешување на Азири, кој по инцидентот во Комисијата за европски прашања на Фејсбук го поддржа дивеењето на сопартиецот Арбер Адеми и му се закани на Милошоски дека на сите како него „антиалбанци“ ќе им ги скршат рацете и нозете.

Бидејќи секој член на Влада има право да предложи на претседателот на Владата да именува државен секретар, дали би било упатно да предложите разрешување на Валмир Азири за употреба на недоличен речник во кој се промовира говор на омраза – праша пратеникот Милошоски.

Министерката Костадиновска Стојчевска рече дека пред да му одговори на прашањето сака да каже дека осудува насилство, но и дека не го оправдува насилството упатено на собраниските комисии кон пратеничките од СДСМ и од ДУИ Снежана Калевска Ванчева и Арта Биљали Зендели. Таа додаде дека како поранешна пратеничка била сведок на сѐ што правеле ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.

Вие самиот поднесовте пријава и ако се утврди кривично дело ќе донесам соодветно решение, но имам прашање до вас – рече министерката.

На ова реагираше потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, кој и укажа на министерката дека на седницата за пратенички прашања министрите одговараат, а не поставуваат прашања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.