Под мотото „Премногу е“, партијата ВМРО-ДПМНЕ во сабота организира голем протест пред Владата со почеток во 20 часот.

-ВМРО-ДПМНЕ ве повикува на голем општонароден протест за промени. Заедно да го искажеме незадоволството од неспособноста на власта, незадоволството од широкораспространета корупција спонзорирана од власта, незадоволството од тоа како живеееме наспроти аздисаноста на власта, незадоволството од се’ помалите плати наспроти се’ поголемите цени, незадоволството од неостварениот сон за приклучување кон Европската Унија, незадоволството од недостапната правда, здравствената заштита и општата сигурност, се вели во повикот на партијата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера информираше дека одржал состанок со претседателите на партиите дел од Коалицијата за Обнова на Македонија.

(фото: Призма)

– На состанокот претседателите на сите партии беа едногласни дека со секој поминат ден со СДСМ и ДУИ на чело на владата народот живее се полошо, криминалот е секојдневие, а сиромаштијата се повеќе ни се заканува. Премногу е од оваа власта, е генералниот заклучок од средбата, констатација која што велат не е само нивен став, туку и на стотици илјади граѓани низ државата, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека претседателите на политичките партии дел од Коалицијата за Обнова на Македонија дадоа поддршка за протестот во сабота на 18-ти јуни, и сите политички партии учествуваат во негова подготовка и се поголема масовност на истиот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.