Скопското обвинителство до кривичниот суд поднесе обвинителен предлог против синот на Муса Џафери, Аријанит Џафери за нападот врз претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски. Тој се гони за кривично дело насилство.

Причина за нападот беше тоа што неговата фирма „У- повер“ се најде на списокот на РКЕ за одземање лиценци, бидејќи не испорачувала доволно струја колку што им била потребна на потрошувачите со кои имала склучено договори.

Од регулаторното тело брифираат дека постапката сѐ уште трае и досега РКЕ сѐ уште ѝ ја нема земено лиценцата на компанијата.

Од таму потенцираат дека се работи за долга постапка и дека нејзината цел е да се коригира поведението на снабдувачите со струја, а не да им се одземе лиценцата, со цел да не се наруши енергетскиот систем, во услови кога владее голема економска криза.

Според последните информации од таму, компанијата воопшто не ни набавува повеќе струја.

-Ве информираме дека У Повер на 31 јануари оваа година ја извести РКЕ по имејл дека не постојат потрошувачи што ги снабдува со електрична енергија во месец февруари 2022 и од тие причини нема набавено енергија, ни одговорија од РКЕ.

Извор: Фокус


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.