Ова е веста која осамна по порталите во Македонија и која најверојатно предизвика различни чувства и реакции помеѓу граѓаните на Македонија. Веднаш мора да потенцираме дека таквата констатација и наслов се сосема грешни и во најмала рака, еднострани. Зошто се поставува прашање: Каде грешат синдикатите? Каде е грешката? Доколку може да се смета за грешка, бидејќи секоја расправија, дијалог има две страни. А кога нема резултати, не се нагласува едната страна. Тоа е поттикнување на мислење и подривање на нетрпение. Согледувајќи ги целокуните состојби, во овој случај, најмногу личи на онаа старата “Кај што има сила, нема правдина.”, а во тој контекст во ниеден момент не се мисли на Синдикат. Зошто е тоа така?
Вака почнува реакцијата на Синдикатот на полицијата во Македонија, која ви ја пренесуваме во целост:
Па да тргнеме од една Европска гледна точка. Во многу, а можеби и во сите, Европски земји, постоењето и функционирањето на Синдикат е задолжително, без разлика дали тоа е во јавен или приватен сектор. Тоа им е регулирано со закон како одговор и почитување на Европската конвенција за човекови права во делот за права за слобода на здружување, во кој значаен дел има и Синдикалното здружување. Разликата во Македонија уште веднаш е воочлива- немаме закон за синдикати нити пак се почитува таа конвенција, најнапред од Владата, како краен работодавец, потоа од самите Министерства, а да не зборуваме во приватниот сектор каде синдикат е мисловна именка. И само затоа што “газдите” не дозволуваат. Во приватниот сектор и самата помисла на синдикат е ригорозна и “штетна по здравјето”. Пред некоја година постоеше таков предлог закон за синдикати, но за многу кратко време, исчезна и иницијативата, а и предлогот и со самото тоа и вољата за таков закон од народните избраници. Никој не се запрашал ни зошто ни како. Како да не постоело. Немање на воља за такво решение го остави работникот дирекно зависен од работодавецот и некои длабоко политизирани и запоседнати квази-организации кои сами себе се нарекуваат синдикати. Тука веќе навлегуваме во почетното нефункционирање на синдикална организација, а мора да се знае дека тоа е единствено на штета на работникот, на никој друг. Децении на назад, таквите полтронски здруженија, функционираа исклучиво на довербата на работниците, доверба заостаната од претходниот систем каде синдикат имаше и значеше нешто. Заради таквата доверба, синдикатот како поим, падна во една летаргична состојба која потоа прерасна во алатка на актуелните власти, за да се претвори во дополнителна финансиска каса и дувло на фотељаши. Тој контра еволутивен процес траеше со децении при што правата на работникот не само што не беа подобрувани или барем задржани на едно статус кво, туку беа изменети, избришани, одземени за на крај да се дојде до точка на вриење и будење на запоставената работничка класа. Тогаш се појавија гладните за власт поединци, кои гледајќи ја можноста за искористување на веќе наталожената нетрпеливост и крајно незадоволство на работникот, видоа “отскочна даска” за задоволување на свои лични интереси и формира синдикати. А пак власта, од стравот и фактот дека ќе им се случи будење на свеста и општа “Синдикална пролет”, побрза да ги врбува таквите поединци во своја корист заради контрола и од тоа меѓусебно разбирање се изродија нови олигарси, автократи како сакате наречете ги, но во никој случај Синдикалци. И повторно кој најмногу настрада од тоа? Работникот, кој друг. Овој пат не само што не доби ништо туку и потполно ја загуби довербата во оние што би требало да се борат за негова заштита. И како тоа да е малку, многу од нив останаа без работа, беа прогонувани од сопствените работодавачи па дури им беа монтирани и судски процеси. И тоа беше остварување на целта на газдите од приватниот сектор, но и јавниот сектор се ослободи од притисокот да мора да се грижи за работникот. Без синдикат во вистинска смисла на зборот, продолжија со остварување личните интереси и зголемување на ионака натрупаното богатство, без притоа некој да му застане на патот.
Но во Македонија секогаш имало и ќе има идеалисти и борци, па така дојде нов бран на синдикалци на кои веќе им дојде преку глава од се, кои не сакаа да ја напуштат оваа држава но и многу од нив немаа ни можност тоа да го сторат, било тоа да е од лични или други причини. И како по “дифолт”, овој пат тие се соочија не само со огромниот притисок на актуелните власти, како своевремено така и денес, туку и со недовербата на работникот предизвикана од дотогашните, досегашните така речи, предавства и од државата и од синдикатите. Борбата на тој нов бран на синдикати се водеше на два фронта- со актуелната власт и со самиот работник. Со власта за да се афирмираат како заштитници на веќе уништениот концепт на заштита на работничките права, а со работникот за враќање на неговата доверба. А довербата на работникот во синдикатот е основната движечка сила на една сидикална организација. Без тоа не би постоел синдикат, а и со оглед на се она што претрпел работникот во Македонија во овие 30-тина години, кој би можел и да го криви за тоа? И со таква нарушена доверба, со секојдневни притисоци од власта, секојдневни опструкции, клевети од полтронските квази-синдикати, дојде момент кога работникот веќе не може ни да преживее во Македонија, па овие идеалисти се решија на најрадикални чекори во синдикалното работење- протести и штрајкови. Тука веќе е вклучен црвениот аларм кај властите кои досега мирно си ја остваруваа својата агенда но и кај полтронските здруженија, засегнати од губење на своите позиции и фотељи заради своето неделување и дејство со кое ги уништија сите права на работникот. Од овој момент почнува вистинското “покажување на заби” од страна на власта и нејзините послушници.
Имено, и јавно и лично се изрекуваат закани, се најавуваат и спроведуваат откази, се објавуваат лажни вести, медиумите блиски до власта со цел свој потенцијал ги извртуваат фактите и вистините за вината за кризата да падне на грбот на синдикатите, се објавуваат лични навредливи и омаловажувачки информации за организатори и учесници на протести и штрајкови, па дури и синдикати се бришат од евиденции и им се забранува синдикалната дејност. Апсурд до апсурд. Ноторно кршење на законски права, извртување на вистината, непочитување на колективни договори и уште што не. Со една реченица, таква антикампања против синдикалното движење, небаре се работи за најголем државен непријател. Но и тоа не им успева до крај, многу од работниците и синдикалците повторно излегуваат на улица во потрага по своите права.
Во таа такаречи конфузија, полтронските здруженија увидувајќи дека немаат друг излез, во содејство и со амин од власта, предлагаат Соломонски решенија за работникот и што е најважно, враќање на некои права кои работникот ги загубил баш заради нивното неработење. Истовремено и синхронизирано со своите полтрони, власта врши невиден мобинг и притисок врз членството на синдикатите, до таа мера што се вклучени сите партиски и лични ботови за заканите да допрат до секој еден учесник во протестите и штрајковите. Буквална војна на власта со сопствениот работник!!!
Не секој ментален склоп може да го издржи сето тоа. Не секој семеен човек или воопшто човек, може да биде рамнодушен на толку многу закани како на професионално, така и на лично ниво. Тоа веќе е главната причина заради која не успеаа протестите. Синдикатите никаде не згрешија, синдикалците не потфрлија. Власта и полтронските здруженија, барем навидум и привремено, успеаа да си ги заштитат сопствените интереси. Ако власта имаше воља за решавање на наталожените проблеми, немаше да биде важна нити репрезентативност, нити политичка определеност, нити финансиски импликации, туку во овој период од 10-тина месеци ќе изнајдеше било какво решение кое не е популистичко, штетно, навредливо и потценувачко за работникот. Бидејќи работникот е основната движечка сила на еден систем, основната единица мерка за економијата, работникот е најважниот сегмент на било која државно уредување. Кога станува збор за работникот, треба да се води војна,да. Но војна во која ќе биде победник оној кој ќе успее најповеќе да го мотивира и награди за што тој би вратил со зголемена продуктивност. А не војна во која по секоја цена ќе се уништува вољата, желбата, мотивацијата на работникот, а и самиот работник како човек и идентитет.
Заради ваквото деструктивно, деградирачко, штетно и контрапродуктивно делување на власта во содејство со своите полтронски здруженија не успева и не просперира и самата држава, а не било какви протести или штрајкови!!!
Затоа утре ќе се случи сценарио, однапред договорено, се на штета на работникот а се со цел да се уништи неговата вистинска сила која ја има.
Работникот заслужува ДОСТОИНСТВЕНА ПЛАТА а не трошки кои утре ќе се бараат а најверојатно предвреме договорено да се добијат !
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.