Владата постапила неовластено и посегнала по вршење туѓи права, бидејќи од пратениците бара да го покријат тоа што го презела како обврска во фамозниот договор кој е далеку од меѓудржавен, туку е облигационен и таквите договори не може да бидат извор на право. Значи владата презела улога на прикриен законодавец иако е само извршна власт. Постапила како корпоративна влада која потпишала корпоративен договор со Бехтел и Енка, а корпоративизмот и профитот одат заедно, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова на денешната собраниска седница.

Таа нагласи дека во сите закони погрешно се повикуваат на регулативата 1315 од 2013 година и директивата 758 од 2016 година, што и портпаролот на ЕУ, Сано и евроамбасадорот Гир тоа го потенцираат.

Со тоа вие сакате да обезбедите европско алиби за западно балканско неодговорно постапување. Затоа и табелата која се дава покрај законот е празна, значи некој го злоупотребил статусот, ова е фалсификувана исправа и треба да сноси одговорност тој кој ја потпишал заедно со претседателот на Собранието и претседателот на комисијата за европски прашања. Тие ја злоупотребиле својата службена положба, нагласи таа.

Силјановска Давкова истакна дека отсуствува инклузивност и транспарентност за што укажа и Гир.

Ги заобиколувате пропишаните процедури, затоа што процедурата е гаранција за закон донесен во рамки на деловникот, и затоа не смее да се бајпасираат. Контролата е неопходна при стратешки проекти, и таа треба да биде професионална, независна, објективна, со строги филтри, далеку од тоа дека треба да биде препуштена на Електра Солушнс која воопшто не е упатена во оваа материја, потенцираше таа.

Силјановска Давкова потсети дека јавниот интерес не е доволно само да се прокламира туку да се реализира и заштити

Градби од стратешки интерес не може да се реализираат без планска документација. Просторниот план, урбанистичкиот план и урбанистички проект се свето тројство вака како што се наредени, во спротивно ќе има сериозен проблем. Со овие измени се оневозможува и јавен увид во урбанистичката документација. За вакви градби мора да има идејни решенија, рече таа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.