Штрајкот во образованието продолжува и во наредните денови, а продолжуваат и преговорите на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) со Министерството за образование и наука (МОН). Членовите на СОНК во училиштата и детските градинки од понеделникот се во штрајк, поради барањето за зголемување на платите.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков изјави дека очекуваат до вечерва односно утре до 12 часот да имаат понуда за да можат да ја дистрибуираат, да соберат повратни информации и евентуално Советот на СОНК да донесе одлука и да има време да се објави дека од понеделник ќе продолжи наставата или, како што рече, ќе кажат дека нема решение и Советот не ќе може да ја смени одлуката затоа што членството не ја прифаќа понудата и ќе мора да продолжи штрајкот.
Тој апелира што побрзо да се дојде до решение и да се врати нормалниот тек во училиштата и во градинките.
На прашањето која е црвената линија што членството односно СОНК може да си ја дозволи за да може штрајкот да сопре, Неделков нагласи дека не разговарале за црвена линија меѓутоа тоа не значи, подвлече, дека под 18,4 проценти нема ништо да прифатат.
– Колку ќе прифатиме, многу зависи од тоа колку ќе ни понудат. Ако биде симболично, тоа членството ќе го препознае и ќе сфати дека тоа е несериозен предлог, рече меѓу другото претседателот на СОНК синоќа во дневникот на Сител.
Неделков повтори дека продолжуваат преговорите со МОН, а за прекин на штрајкот и почеток на наставата, треба да одлучи членството само врз основа на конкретен предлог што би го прифатиле мнозинството од членовите на Синдикатот.
Синдикатот бара платите на вработените веднаш да бидат зголемени за 18,4 отсто согласно со порастот на минималната плата која од овој месец е 18.000 денари и, дополнително, таа да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.
Линеарното зголемување на платите на национално ниво што го предлага Сојузот на синдикати, за СОНК, како што рече Неделков, е неприфатлив и паушален предлог.
Претседателот на СОНК изрази оптимизам вчера пред средбата со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на која се разговарало на повеќе теми за образовниот систем и за зголемување на платите, а по средбата информира дека не добиле конкретно ветување за висината на процентот за зголемени плати.
Министерот Шаќири на средбата истакнал дека се подготвени да го продолжат дијалогот, но без условувања и нереални барања, кои само ги отежнуваат преговорите.
За Шаќири, одлуката на СОНК за организирање генерален штрајк во образованието не само што не го надминува предизвикот, туку напротив, создава повеќе дополнителни проблеми. Тој апелираше до раководство на синдикатот да ја промени политиката на изразување незадоволство на ваков начин и да му даде можност на социјалниот дијалог.
– И вие како синдикална организација и ние како институции знаеме дека тоа е најдобрата опција за надминување на секоја ситуација во која постојат несогласувања, истакнал министерот за образование и наука Шаќири на состанокот со претставниците на СОНК.
На средбата, како што информираше претседателот на СОНК, повеќе се разговарало за тоа кога ќе продолжи наставата, како ќе се надополнат часовите и кои се последиците од штрајкот.
Министерот Шаќири, како што изјави Неделков по средбата, подвлекол дека ќе има зголемување на платите и дека се прават максимални напори од другите министерства да се пренасочат средства.
– Неговото уверување беше дека ќе има, меѓутоа и самиот не знае колку ќе има и затоа ниту тој сакаше да шпекулира, ниту ние не знаеме за колку средства се работи, изјави Неделков.
Според министерот Шаќири, секој нереализиран наставен ден поради штрајкот, значи продолжување на наставната година по 9-ти јуни.
– Ситуацијата би предизвикала и пролонгирање на сите претходно утврдени рокови за полагање на училишна матура, за уписи во средни училишта, но и во високообразовните установи во земјата и во странство. Исто така, неработењето на училиштата го оневозможува правото на околу 500 наставници да полагаат стручен испит како основа за понатамошно вработување на неопределено работно време, потенцирал министерот.
Во однос на надоместувањето на загубените денови во наставата во училиштата и одложувањето на сите рокови, уписи во средно и во високото образование, матури, после 10 јуни, според СОНК, тоа е цената што ја плаќаат и едната и другата страна и затоа не е потребно „тактизирање“. Според претседателот на СОНК, има повеќе варијанти, но најсоодветно решение е да нема продолжување на учебната година затоа што учениците не се виновни за ситуацијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.