Штрајкот ќе продолжи и во наредните денови зашто немаме конкретно ветување дека зголемувањето на платите ќе биде во висина од некој процент. Со преговори ќе продолжиме и сме расположени во секое време да се сретнеме кога ќе побараат од нас, ќе бидеме достапни, изјави претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков по денешната средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на кој се разговарало на повеќе теми поврзани со образовниот систем во државата.

Сите сме расположени да прекине штрајкот и да почне наставата, но секако за тоа треба да одлучи членството, а ќе одлучи само врз основа на конкретен предлог што би го прифатиле мнозинството од членовите, рече Неделков, додавајќи оти тоа се разговори, преговори и многу ќе зависи од тоа како ќе завршат во однос на зголемување на платите.


Од таа причина, додаде, очекуваме од МОН овие денови да излезат со конкретен предлог, па и со некаков допис, како што рече, што написмено ќе го имаме од нив како гаранција за тоа што се договараме. Дали веднаш ќе можеме да одлучиме да се стави штрјкот во мирување или не, потенцира Неделков, ќе зависи од тоа што МОН односно Владата ќе излезе со предлог.

Според него, и двете страни имаат ист став дека преговорите мора да се интензивираат, што побрзо да се најде заедничко решение и за да можат децата да одат во училиште и да имаат редовна настава.

На средбата, како што информираше Неделков, повеќе се разговарало во делот на продолжување на наставата, кога ќе продолжи наставата, како ќе се надополнат часовите, кои се последиците од штрајкот и друго.

Како што истакна претседателот на СОНК, министерот Шаќири подвлекол дека ќе има зголемување на платите, дека се прават максимални напори од другите министерства, на ниво на Влада, да се се пренасочат средства.

Неговото уверување беше дека ќе има, меѓутоа и самиот не знае колку ќе има и затоа ниту тој сакаше да шпекулира, ниту ние не знаеме за колку средства се работи, изјави Неделков.

Тој информира и дека немаат добиено никаков предлог и од таа причина, рече, не може да зборува за сума.

Во СОНК, појасни, имаат поинаков став во однос на пролонгирањето на учебната година и сметаат дека учебната година може да заврши, дека не мора да се продолжува и оти може во рамки на оваа учебна година да се надокнадат тие изгубени часови.

Секој наставник во зависност колку наставни часови изгубил на неделно ниво во рамки на работниот ден, дополнително ќе вложи напори за да ги надокнади тие наставни содржини, изјави претседателот на СОНК.

Одлуката на СОНК за организирање генерален штрајк во образованието не само што не го надминува предизвикот, туку напротив, создава повеќе дополнителни проблеми. Затоа, апелирам до вас како раководство на синдикатот да ја промените политиката на изразување незадоволство на ваков начин и да му дадете можност на социјалниот дијалог. И вие како синдикална организација и ние како институции знаеме дека тоа е најдобрата опција за надминување на секоја ситуација во која постојат несогласувања.

Ова го истакнал министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешниот состанок со претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на кој се разговарало на повеќе теми поврзани со образовниот систем во државата.

Непримањето на деца во училиштата и неспроведување на настава влијае на социјализацијата на учениците и создава празнини во знаењата кои понатаму потешко се пополнуваат. Тие и онака веќе изгубија голем дел од наставата, учејќи во вонредни околности и услови на пандемија повеќе од година и половина. Повисоки плати за наставниците ќе има, на тоа работиме и ќе го одржиме ветениот збор, како што тоа го направивме и во три наврати во изминатите години, зголемувајќи ги личните примања на вработените во училиштата за над 21 процент. Но, во меѓувреме заеднички приоритет мора да биде враќањето на учениците таму каде што им е местото, рекол Шаќири, се наведува во соопштението од Министерството за образование и наука.

Министерот Шаќири нагласил дека секој нереализиран наставен ден поради штрајкот, значи продолжување на наставната година по 9-ти јуни, имајќи предвид дека законските прописи не дозволуваат намалување на наставните програми во вакви околности. Поради тоа, стои во соопштението, распустот на учениците мора да биде одложен соодветно на бројот на неодработени денови, а согласно измените кои ќе бидат направени на Календарот за организација на учебната 2021/2022 година.

Ситуацијата би предизвикала и пролонгирање на сите претходно утврдени рокови за полагање на училишна матура, за уписи во средни училишта, но и во високообразовните установи во земјата и во странство. Исто така, неработењето на училиштата го оневозможува правото на околу 500 наставници да полагаат стручен испит како основа за понатамошно вработување на неопределено работно време, нагласил министерот.

 

МОН целосно го почитува синдикалното право на штрајк и во ниту еден момент не го попречи неговото спроведување. Но, се подвлекува во соопштението, загрижува формата и времето во кое тоа се применува. Сепак, како што посочил министерот Шаќири, подготвени сме да го продолжиме дијалогот, но без условувања и нереални барања, кои само ги отежнуваат преговорите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.