Ова е договор меѓу ДУИ и СДСМ од почетокот на мандатот. За нас тоа е симболика, секако ќе го поддржиме. Мислам дека секоја албанска партија, па и сите, треба да покажеме широкоградост во овие моменти и да продолжиме понатаму да имаме успешни избори, изјави Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците, прашан дали е прифатлива за неговата партија одлуката Талат Џафери да биде технички премиер сто дена пред изборите во 2024.

Одговарајќи на новинарски прашања, Таравари одговори дека начелно имаат одлука од Централното претседателство на Алијанса за Албанците на парламентарните избори да настапат самостојно.

Но, овие прашања не се затворени. Централното претседателство на партијата е најзначајниот орган меѓу двата конгреса, таму ќе се одлучи дефинитивно, рече Таравари пред почетокот на панел-дискусијата „Активирај се против насилство врз жените и девојките“ што денеска во Скопје ја организираше неговата партија.

За претседателските избори, пак, рече, не дискутирале дали да имаат свој кандидат за претседател на државата и дека и оваа дискусија треба да ја отворат во рамки на партијата.

Сите комбинации се можни – и да имаме, и да поддржиме некој друг, ќе видиме. Немаме дефинитивна одлука, додаде лидерот на Алијанса за Албанците.

На прашањето дали е точно дека го условуваат гласањето за техничката влада поради член во Државната изборна комисија (ДИК), Таравари одговори дека никого не условуваат.

Никогаш никого не сме условиле како политичка партија. Сме имале наши ставови, мислам дека не вреди да се зборува. Кој ќе биде член на ДИК одлучува народот на избори. Последните парламентарни избори беа во 2020 година, тогаш народот одлучи Алијанса да има член во Државната изборна комисија. И имаше, но нашиот член во ДИК сега е министер за правда. Наместо него ќе назначиме друга личност. За пет месеци пак ќе има избори и тогаш народот повторно ќе одлучи кој ќе има член во Државната изборна комисија, додаде Таравари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.