Кога следен пат ќе зборат за наводни криминалци прво нека си заметат во својот двор, патем и нека уклучат шмрк, реагира ВМРО-ДПМНЕ откако СДСМ обвини дека Владата правела пиши-бриши на соопштенијата под притисок на јавноста во врска со назначувањето на Ибрахим Ељези е именуван за в.д. заменик директор на Идризово, одделение во Велес.
„Кога СДСМ ја гледа политиката низ призма на аквариумска риба со помнење од 3 минути и сака да освои ситни поени преку ниски страсти ќе одржи прес конференција каде ќе нападне свој довчерашен сопартиец и ќе излаже дека екс осуденик станал директор на затвор. Но истата оваа партија ќе молчи кога Филип Андов Сокол партиски кадар на СДСМ и директор на затворот Шутка му ги собира затворениците Управата за извршување санкции додека тој ги пушта. Истата партија каде Ден Дончев беше реформски кадар кој ги наполни џебовите и ја дувна во Австралија, или пак главен коалициски партнер и сродна душа во политиката им е ДУИ каде главни ликови се Артан Груби, внучето на Ахмети Дрин, и самиот Ахмети. Зошто СДСМ и Филипче не кажат збор за тоа што лиценците за игри на среќа се доделени на две фирми, од која едната струмичка блиска директно до Вице Заев, се доделени со потписот на Артан Груби. Ете така здушно функционира пљачкачката банда СДСМ – ДУИ“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ попладнево истакна дека во владино соопштение до медиумите од 24 јули, самата Влада соопштила дека Ибрахим Ељези е именуван за в.д. заменик директор на Идризово, одделение во Велес, каде се наведни и други назначувања.
„Тоа соопштение го имаат сите медиуми и денешната реакција на истата прес служба дека не бил именуван е смешна. Впрочем врз основа на ова владино соопштение медиумите и ја пренесоа веста за неговото именување. Зарем денеска Владата на Мицкоски сака да каже дека медиумите сами си ја измислија веста? До толку несериозно, неодговорно однесување од Владата со потценување на јавноста и на медиумите досега не е забележано. Тоа што си правеле пиши-бриши на соопштенијата под притисок на јавноста Владата треба да одговори дали и реално значи дека Владата е пишман и за други одлуки? Кое друго име е избришано од најавените назначувања за директори“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.