Родителите на учениците на кои им се потребни образовни или лични асистенти во недоумица. Школската година започна, асистенти нема. Училиштето ги известува родителите дека нема услови детето без придружба да седи на часови. Од Министерството за образование пак велат децата мора да бидат во училиште.
–Моево дете е трето одделение. Денеска бев со него на училиште, но денеска беше лесно, само часиполовина беа во училиште. Од утре не знам што ќе правам. За да седам на часови со него треба да земам одмор, а денови немам. Не е за ден-два. Најавата е дека ќе немаат асистенти до 15 септември. Во училиштето немале кадар за да го покријат отсуството на асистентот. Ако не оди во училиште треба да седи дома со некого. Баба за чување немаме. Пак треба јас и сопругпт да бараме денови од работа. Навистина не знам што ќе правиме. Министерката не теши, а решение нема. Минатата година асистент имаше на 1 септември. Кога почна во прво одделение асистент дојде некаде околу 5 септември. Но годинава најавата е околу 15 септември – вели револтирано Билјана, мајка на дете на кое му се потребни личен и образовен асистент.
Денеска пак министерката за образование, Весна Јаневска, изјави дека нема потреба од вознемирување на родителите.
–815 образовни асистенти денеска потпишуваат договори и од денес може да почнат со работа. За оние 200 за кои немаше обезбедено средства, ние ги проектиравме дека ќе бидат потребни и ги обезбедивме со ребаланс на буџетот и денеска се објавуваат конкурсите кои траат пет дена. Потоа следуваат уште две недели обука и тие веќе после тој период може да влезат во училиштата. Јас деновиве постојано повторувам, родителите да не се вознемируваат. Вестите кои нашиот политички опунент се обидува да ги прошири се лажни. Училиштата се обврзни да ги имаат инклузивни тимови. Наставниците со обврзни да ги примаат сите ученици во одделението и да се погрижат за нивното образование. Немаме криза, се е во ред и ќе биде во ред. Доколку има потреба од дополнителен број асистенти, како одговорна влада со посебна емпатија за децата со посебни потреби ќе направиме напори да обезбедиме дополнителен број на образовни асистенти – изјави денеска Јаневска.
Министерката Јаневска смета дека децата на кои им се потребни асистенти не се дискриминирани. Со образовниот процес, вели таа, не се доцни. Овој процес бил секогаш таков, зашто бројот на деца на кои им е потребен асистент секоја година се менува.
–Ресурсните центри си ги проверија бројките на деца за кои се потребни асистенти, направија пресметки, ние ги проверивме, Финансии ги провери и се тече така како што треба да тече. Инклузијата не е само ообразовен асистент. Инклузијата е цел систем кој ги опфаќа училиштето, наставниците, инклузивниот тим, ресурсниот центар, кадрите во ресурсниот центар и образовните асистенти– додава министерката.
Таа е децидна дека асистентите нема да доцнат. Вели сите деца што досега имале образовен асистент од утре ќе го имаат, а дополнително ќе бидат обезбедени уште 200.
–Дополнително само да додадам дека еден образовен асистент може да се грижи за две до три деца затоа што на секое дете не му е потребен еден образовен асистент. Значи, во едно одделение еден образовен асистент за дете со помали попречености може да се грижи за двајца и тројца, сите се обезбедени, рече Јаневска.
Но во ресурсните центри пак велат дека нема теоретски шанси од утре асистентите да почнат со работа. Според нив не може за еден ден да се интервјуираат сите пријавени и да се потпишат договори. Причина е, како што коментираат, доцна распишаниот оглас.
Од друга страна пак молк за личните аистенти кои ги обезбедуваат општините. И таму конкуристе се во тек или пак завршиле во петокот минатата недела и нема шанси во брзо време личните асистенти да се придружат на дечињата.
Родителите на учениците на кои им е потребен асистент за денеска најавуваат протест поради дискриминацијата на нивните деца.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.