Пред да ја започнеме оваа активна блокада, најавивме и пакет мерки, односно, побаравме и од СДСМ и од сите политички партии, да направиме и посебни работни тела, каде што ќе разговараме за многу закони и тоа што е добро, заеднички да ги изгласаме добрите закони. На посебни седници да разговараме за здравството, за образованието, за економијата, за сè што е потребно. Но, нема разбирање, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, кој вечерва е гостин во „360 Степени“.
-Да, едно од барањата е да има предвремени парламентарни избори, тоа е легитимно барање на опозицијата. Зошто го говориме ова? Еве веќе шеста година се на власт, гледаме дека се соочуваме постојано со кризи. Имаме криза со пандемија, енергетска криза, огромна криза со воениот конфликт, имаме опасна економска криза со сите трошоци за живеење. Затоа подаваме рака, да седнеме и да разговараме, бидејќи ако немаат капацитет, а гледаме дека овие шест години немаат капацитет да се справат со сите овие проблеми, затоа понудуваме да седнеме заеднички некои проблеми да ги донесеме. Да, легитимно е да побараме да има предвремени избори бидејќи проблемот во државата е Владата на СДСМ и сите коалициони партнери, порача Мисајловски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека партијата бара и лидерска средба, но била одбиена.
-Баравме лидерска средба за да разговараме, но експресно бевме одбиени. Јас не го разбирам тоа. Зошто? Збориме да закони што се добри, што заеднички можеме да ги поддржиме, наместо да разговараме за некои закони што се сега во Собрание, во комисија, за некоја лотарија од која ДУИ има интерес да има бенефит, зошто да не разговараме за закони што се добри за сите? Која е причината? Но, од друга страна, ќе бидам целосно искрен, требаше да се види тоа лице на Талат Џафери пред целата јавност. Ова што го прави Талат Џафери не е од сега, ова се случува месеци и години. Не може да не знаете што имате на дневен ред. Целата оваа работа што моментално со активната блокада ја прави ВМРО-ДПМНЕ е да се видат сите погрешни политики, да ни се дозволи нас како парламентарци да говориме. Тоа е основно право на секој од нас, но и сите забелешки што ги имаме кон СДСМ да ги потенцираме и целата јавност да ги види. Да го видат лицето на Талат Џафери и како тој се однесува кон сите, посочи Мисајловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.