Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, вели дека во тек е постапка за избор на економски оператор за печатење и дистрибуција на учебниците по предметите во основно образование за кои Бирото за развој на образованието подготви нови наставни програми. Toj се надева дека тие ќе бидат доставени до училиштата навреме, но, додава доколку се случи да има доцнење, Министерството за образование и наука (МОН) има обезбедено печатени соодветни материјали додека учениците ги добијат учебниците.
Шаќири појасни дека согласно концепцијата што МОН ја усвои минатата година, новите наставни програми се воведуваат етапно – лани за прво и четврто одделение, а оваа учебна година по нови наставни програми ќе учат учениците од второ и петто одделение.
Од 1 септември ќе има учебници во трето, шесто, седмо, осмо и деветто одделение кои се по стара концепција и мислам дека тие ќе бидат навремено доставени до училиштата. За новата концепција сме во фаза на одобрување и на економски оператор и на некои учебници, но имаме уште 20 дена рок и очекувам и овие да бидат позитивно завршени до почетокот на новата учебна година – изјави Шаќири во гостување во вестите на Сител.
Согласно концепцијата за основно образование, освен во печатен, учебниците од четврто и погорните одделенија ќе бидат достапни и во дигитален формат на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk.
Во врска со информациите дека учениците се уште не добиле сведителства, министерот Шаќири истакна дека нивното обезбедување не е обрска на МОН, туку на Бирото за образование. Сепак тој вели дека според информациите што ги има, целата постапка за набавка на сведителства е завршена и оти учениците веќе почнуваат да ги добиваат.
Сведителствата не се проблем за Министерството. Повикот за печатење на сведителства и како постапка е во Бирото за развој на образование. Тие во постапката да одберат оператор имаа процес на жалби. Веднаш по информацијата дека децата немаат сведителства јас побарав, веднаш на тие деца кои се запишуваат во средно образование веднаш да им се обезбедат сведителствата, но, исто така знам дека тој проблем е решен во Бирото за развој на образование, и можеби во моментов има доставување на свидителства до основните и средните училишта – изјави Шаќири.
На прашање за дигитализацијата на образовниот процес, Шаќири вели дека како министер се залага и е за да има и печатени учебници, но, како што нагласи, тој процес мора да продолжи. Во врска со тоа колку Владата и Министерството се подготени да обезбедат дигитални уреди за децата, Шаќири посочува дека преку проект со Светска банка се врши проектирање во сите основни училишта во делот на актуелната инфраструктура што се однесува за дигитализација и поврзување во неколку мрежи.
По добивање на тие проектирања за сите основни училишта ние ќе дознаеме за можностите за имплементирање во инфраструктурата. Освен што работиме во процесот на дигитализација, ние ќе треба да работите и во процесот на дигитализација на инфраструктурата внатре во основните училишта. И ова заедно ќе можеме да го спроведуваме со локалната самоуправа и централната власт. Иако имаме таблет уреди доставени до учениците, до училиштата, една од забелешките беа дека многу училишта и од нашите анализи не се поврзани во мрежа како што треба да бидат достапни – изјави Шаќири.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.