На седница на Влада денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири ќе информира за состојбата во образованието и заклучоците ќе бидат пратени до Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и соопштени во јавноста. Тој повторно ги повика наставниците да ја разгледаат одлуката за прекин на наставата, да ја имаат предвид понудата за покачување на платите од 10 отсто и економската состојба во која се наоѓа државата и да ги повикаат учениците во училиштата. Рече и дека денеска имал комуникација со претседателот на СОНК Јаким Неделков.
Не прецизираше дали на владината седница ќе се разгледува нов процент што би им бил понуден на СОНК, но апелираше да се има доверба во процесот, преговорите да продолжат, соопштувајќи дека ќе има ребаланс на буџетот и е можно пренасочување средства во министерствата како што предлага МОН за својот буџет.
Во ниту една ситуација не сум обвинувал никого како министер, но што се однесува до образовниот процес сакам што побрзо да продолжи, и утре. За оваа значајна тема ние може со претставници на СОНК и неговиот Совет секој ден да ги продолжиме преговорите, но не сакам последици да има образовниот процес. На пресот на СОНК се кажа дека членовите и дел од координаторите на СОНК во нивната комуникација кажале дека 95 отсто не прифаќаат 10 проценти покачување, а 5 проценти прифаќаат. Ако се вратиме наназад во годините, овие 10 отсто се највисок процент за покачување на платите во основното и средното образование. Но пак кажувам, не застануваме тука, имаме простор за дискусија, но секогаш да се има предвид дека овој процент во овој момент е во една многу друга ситуација зашто во претходните години немало ваква економска криза – изјави Шаќири за медиумите по отворањето тркалезна маса за унапредување на правата на децата со попречености.
Апелираше и да нема дезинформации зашто во јавноста, рече тој, претставници на Советот на СОНК изјавувале дека штрајкот го продолжуваат зашто не е вистина дека има понуда од Владата.
Не сакам вакви дезинформации. И во оваа економска криза не е кажано дека нема да има повисоки плати во образованието Кажано е да, дека ќе има повисоки плати и ќе биде направено максимум со оглед на состојбата во која се наоѓаме – додаде Шаќири.
Посочи дека Законот за минимална плата во член 8а одредил дека усогласување на сите плати треба да има во најмалку шест месеци, што значи, рече тој, дека има простор до септември, а дека како одговорна влада тоа го реализирале и побрзо со дадената понуда.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.