Македонија во моментов се соочува со најкрупните реформи во образовниот систем, со кои се опфатени сите сегменти, односно и основното и средното образование, но и високото. Суштината на тие промени е да се подобри квалитетот на наставата, учениците да се насочат кон учење со разбирање наместо кон фактографско меморирање податоци, да се насочат кон стекнување на вештини кои навистина се потребни и барани на пазарот на трудот, меѓу кои секако и претприемачките вештини, за кои сметам дека заедно со дигиталните вештини дури и се клучот за успешност на професионален план.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на панел дискусија посветена на образованието во рамки на Форумот организиран по повод 100 дена Влада, посочувајќи дека идејата е образовниот систем да почне да создава генерации кои ќе бидат подготвени за предизвиците на работни места кои, како што рече, можеби сега во моментов не се познати и ќе бидат отворени по 10 – 20 години.
„МОН се ориентира кон претприемничкото образование кое е дел од коренитата реформа на базата на националниот образовен систем – основното образование и се внесува со сите задолжителни и изборни предмети, но и во воннаставните активности каде постои можност“ рече Шаќири.
Потсети дека изработена е нова Концепција за основно образование која целосно го менува пристапот на наставниците во реализацијата на наставата, со повеќе интерактивност, со развивање на нивната креативност и иновативност, како и дека етапно се изработуваат нови наставни програми кои се усвојуваат врз основа на национални стандарди за постигања на учениците.
„Имаме вкупно 8 национални стандарди за постигања на учениците и токму еден од нив техника, технологија и претприемништво. Според истиот, од учениците се очекува да стекнуваат компетенции кои се поврзани со способности за преземање иницијативи, за креирање на идеи и претворање на идеите во производи и услуги, за носење на одлуки и преземање ризик. Учениците стекнуваат знаења од техниката, бизнисот, финансиската писменост, претприемништвото и така натаму“, додаде министерот.
Сакаме, што рече, добро да ги подготвиме младите за следното ниво на образование, а тоа е средното каде фокусот е насочен кон стручното образование и тоа не само кон промоција, туку и кон развој.
„Затоа го воведуваме концептот на дуално образование, со учество на компании од бизнис секторот во подготовка на учениците кои добиваат повеќе практична обука, за сметка на учењето теорија. И тоа има голем ефект врз развој на потенцијалот на учениците и врз нивно насочување кон претприемништвото. Сето ова го стимулираме и со стипендии кои помагаат во упатување на учениците повеќе кон стручно и кон претприемничко образование“, рече Шаќири.
Осврнувајќи се на инвестициите во инфраструктурните услови рече дека годинава буџетот за оваа намена е рекорден и изнесува над 1 милијарда денари.
„Тоа се средства со кои продолжуваме да градиме нови училишта и спортски сали, да реконструираме постојни објекти, да опремуваме, а тука особено ќе ја споменам набавката на 265 нови кабинети по природни науки кои ни требаат токму за тоа -за развивање на креативност, идеи и иновативност кај младите. Само во моментов се градат 5 нови училишни објекти – во Визбегово во Бутел, во Долно Блаце во Чучер Сандево, во Лешница во Желино, во Ѓорче имаме доградби во Хром и Волково…Дури 40тина училишта се реконструираат. Се градат 4 нови спортски сали, наскоро ќе започнеме уште една“, информираше Шаќири.
Според него, развојот на образовниот систем е на добар пат, а ефектите ќе се почувствуваат на среден рок, кога ќе добиеме една цела генерација која се едуцирала согласно сите воведени новини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.