Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска учествуваше на панел-дискусија во рамки на конференцијата на која Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за Југоисточна Европа презентираше резултати од истражување спроведено со поддршка на Швајцарија и Австрија со цел детектирање на причините за миграцијата на населението од земјите од Западен Балкан кон поразвиените земји.

Министерство за образование и наука соопшти дека во областа на образованието веќе се спроведуваат низа крупни промени и активности кои кореспондираат со дел од дадените препораки во извештајот.

-Имаме план за реформа на образовниот систем, за да создава поподготвени кадри во иднина. Делуваме преку три аспекти – унапредување на инфраструктурата, набавка на нови наставни програми и учебници и подигнување на мотивацијата за работа на наставниот кадар. Клучно е поврзувањето на образованието со пазарот на трудот и мислам дека најважната активност во тој дел е прифаќањето на концептот на дуално образование. Затоа што овој концепт ги вклучува и компаниите во едукацијата на учениците кои се обучуваат директно на работно место и тоа од една страна овозможува подобра нивна подготовка со практични вештини, а од друга страна компаниите добиваат потенцијална работна сила подготвена за вклучување во работните процеси веднаш по дипломирањето, рече Шаќири.

Министерот потенцираше дека покрај активностите за подобрување на квалитетот на националниот образовен систем, институциите го поддржуваат и образованието на младите и надвор од границите на својата земја, преку доделување стипендии за студирање на најдобрите светски универзитети, преку можности кои ги обезбедуваат билатералните договори со други земји, како и преку учество во програмите за образование и наука на ЕУ – Еразмус и Хоризонт.

– Очекувањата ни се младите во својата земја да го применуваат стекнатото знаење и искуство, да и возвратат за дадените можности и да помогнат во нејзиниот развој заради подобра нивна иднина и заради иднина на нивните деца тука, истакна Шаќири, додавајќи дека грижа се води и за повозрасните граѓани да можат да се обучат, доквалификуваат или преквалификуваат за полесно да се снајдат на пазарот на трудот.

Извештајот на ОЕЦД го презентираше претставникот на организацијата за Југоисточна Европа, Анита Рихтер, а се обратија и амбасадорите на Швајцарија и Австрија во Скопје, Вероник Улман и Георг Вуцас, и заменик-претседателот на Владата за економски прашања Фатмир Битиќи, додека на панел-дискусиите учествуваа повеќе други експерти и претставници на земјите од регионот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.