Ќе треба да се разгледа законскиот основ, што дозволува законот да се промени во овој период за организација на државната матура, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири во однос на барањата на дел од матурантите да им се олесни полагањето на државната матура со тоа што ќе биде намален обемот на материјалот или со намалување на интерните испити.

Министерот соопшти дека наредната недела ќе има состанок со директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) за уште еднаш, како што рече, „да ја известиме јавноста кои се материјалите и што е предвидено во нив“ и барањето на учениците да се разгледа заедно со Сојузот на средношколци со кој, како што рече, има секојдневна комуникација.

Шаќири истакна дека за него е важно тоа што од државната матура зависат многу други процеси – запишување на учениците што завршуваат средно образование во високообразовни установи во државава и во други земји.

Државниот испитен центар (ДИЦ) во претходниот период имаше неколку состаноци со Сојузот на средношколци и, според информациите што ги имам од ДИЦ и од Секторот за средно образование во МОН, дел од материјалот што е доставен до средношколците е усогласен со тоа како е реализирано во претходните учебни години. Но, без разлика на тоа, по еден протест што имаше и за друг протест што е најавен, во наредниот период ќе реализирам уште еден состанок со ДИЦ како институција која ги подготвува сите фази на реализација на државната матура и да видиме начинот како да се реализира, изјави Шаќири одговарајќи на новинарско прашање по презентација на резултати од Европското општествено истражување (ЕОИ).

Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС) вчера најави предупредувачки протест за в петок за да го актуализира барањето за олеснување на полагањето државна матура зашто сметаат дека се оштетена генерација, која, како што изјави претседателката на ОДАС, Анисија Угриновска, немале ни една цела непрекината учебна година поради два главни фактора – корона-кризата и дојавите за бомби. Оттаму соопштија дека барањето ќе го пратат во Собранието и во МОН.

Претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ, пак, вчера изјави дека нивното Генералното собрание за една до две недели ќе се произнесе по ова прашање и дека нивните младински амбасадори контактираат секој ден со средношколците од градовите каде што имаат ограноци, собираат предлози и идеи и ги анализираат.

Не е прашање само што би сакала една група на средношколци, туку треба да се размислува за сите, бидејќи има повеќе интереси на учениците што се во конфликт – тие што сакаат да се запишат во странство, тие што сакаат да се запишат на студии тука, тие што, можеби, не ни сакаат да се запишат на факултет. Така што, проблемот околу државната матура е повеќеназначен и повеќе аспекти треба да се истражат, рече Павиќевиќ.

Според сегашното решение, матурантите полагаат два екстерни и два интерни предмета и проектна задача. Тестот по првиот екстерен испит – Мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и литература е закажан за 27 мај, а на 10 јуни, според календарот на Државниот испитен центар, треба да го полагаат вториот екстерен испит – избор меѓу предметите математика, англиски јазик, француски, германски, руски јазик, филозофија или естетика.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.