Подобрување на концентрацијата, меморијата, математичките вештини, читањето, логичкиот начин на размислување, креативноста и критичкото размислување. Ова се само дел од придобивките за едно дете со изучувањето на шахот, кој од септември ќе биде на листата изборни предмети во основните училишта за деца од прво и второ одделение.

Имавме состанок во Министерството за образование и наука и ни рекоа дека во претстојната училишна година шахот ќе може да се најде на листата на изборни предмети за децата од прво и од второ одделение. Доколку се формира група од 20-ина деца кои ќе покажат интерес, ќе се почне во тоа училиште – вели Александра Гакидова, секретар во управниот одбор на Шаховска федерација.

Со помош на македонски професионални шахисти кои се сертифицирани од Меѓународната шаховска федерација (ФИДЕ) ќе се обучуваат наставниците кои ќе ги држат шаховските предавања во основните училишта. Би се изучувале основите на шахот, како начинот на движење на фигурите, какви потези постојат и слично.

Наставникот мора да биде вработен, бидејќи предметот ќе се оценува, иако описно. Тие ќе бидат обучувани од наши шахисти со меѓународни сертификати. Во Полска почнале со луѓе што немале допир со шахот и за три викенди ги обучиле. Дури сега ни претстои работата. Треба да ги убедиме училиштата дека треба да го промовираат шахот, како и децата дека тоа е интересно да се учи. Од родителите имаме позитивен фидбек – додава Гакидова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.