Срамната епизода „Стево и плочата“ е продолжение на безличната политика на Пендаровски, која во последните неколку месеци ја збогати со зачестени пишман изјави во стилот на неговиот соработник Заев, реагира ВМРО-ДПМНЕ откако вчера Кабинетот на претседарелот Стево Пендаровски рече дека плочата во манастирот Прохор Пчински била поставена само за одбележувањето на 2 Август, односно била од времен карактер.

Поминаа само фалбите на Пендаровски, помина пи-арот и по принципот на Потемкино село, работите ги снема. Она на кое што Пендаровски посвети најмногу фалење, а тоа е спомен плочата во манастирот, веќе е тргната. Но Пендаровски не би бил Пендаровски, ако не си ги порекне своите зборови. Тој секој пораз знае да го претставува како победа, ама сосема друго прашање е колку му веруваат граѓаните. Па така и во овој случај неговиот кабинет се брукаше па објаснува дека спомен плочата била од ‘времен карактер’ (!?). Веројатно во светот ова е единствен случај на времена стави-вади спомен плоча која како Потемкино село се става и се вади само за очите на јавноста“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека Пендаровски води политика од денес за утре, дека сѐ е сведено само на гол пи-ар и дека зад неговите ставови и потези нема никаква стратегија, туку се води според народната „купи ден помини“.

Пред само една недела Пендаровски бомбастично ја промовираше својата посета на манастирот Свети Прохор Пчински каде што се одржало првото заседание на АСНОМ. Пендаровски треба да знае дека и тој како и целата оваа екипа на СДСМ ќе завршат на историското и политичкото буниште поради сите лаги, понижувања и порази кои му ги приредија на народот, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.