Основците и средношколците во земјава годинава се враќаат на училиште од 1-ви септември, иако имаше идеја учебната година да стартува 10 дена подоцна, односно на 12-ти септември, потврди за Мета.мк министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Тој најавува дека оваа нова пракса е предвидено да се воведе од следниот септември, а учебната година во тој случај ќе трае до 20 јуни.

За оваа идеја дискутиравме заради тоа што, во некои од нашите земји во регионот како на пример Албанија, Хрватска, учебната година не започнува на 1 септември како кај нас, туку подоцна. Јас би сакал да се помести стартот, размислувам за тоа, иако треба да видиме како ќе се усогласиме со СОНК, синдикатите, како и останатите институции кои се врзани со датуми, на пример, Државниот испитен центар кој е врзан со рокови заради мноштво полагања, меѓу кои и полагањето државна матура. Инаку сметам дека идејата за пролонгирање на учебната година е добра – вели Шаќири за Мета.мк.

Од 1 септември, треба да започне учењето по новата Концепција во второ и во петто одделение. За овие две одделенија, вели министерот, сѐ уште не се испечатени учебници.

Во однос на тоа, дали ќе успеме на време да ги обезбедиме учебниците, можам да кажам дека на време ќе има и учебници и материјали за учење за трето, шесто, седмо и за деветто одделение. Новите учебници кои треба да се испечатат за прв пат, за прво, второ, четврто и за петто одделение, сите постапки се започнати во најбрз временски рок. Бидејќи ќе се доцни, го задолживме Бирото за развој на образованието да направи подготвителни материјали за учење, наменети за првите три месеци од наставата, додека не стасаат учебниците. Тие материјали се исто како учебници, но содржат теми само за првите три месеци – информира Шаќири.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.