Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села денеска од прес-конференција во Собранието ја повика Бугарија да го крене ветото за Македонија.
Според Села, земјава и Албанија треба поскоро да ги отворат преговорите и да станат членки на ЕУ што ќе го направи Западен Балкан посигурно место за живеење.
Како што рече лидерот на АА, не треба да се занимаваме многу со комисии и експерти, зашто „експертите прават наука, а не компромис“.
Политиката треба да најде компромис, порача Села.
Ја повикувам и бугарската страна, имајќи ја предвид сигурносната ситуација што се случува и во регионот, како и ризикот што постои по агресијата на Русија во Украина, да размислат за сигурноста на регионот, да го тргнат ветото, тоа ќе биде компромис. И ние, како политичари,треба да бидеме подготвени за компромис. Албанија заедно со Македонија треба што поскоро да отворат преговори и да бидат членки на ЕУ. Тоа ќе го направи Западен Балкан посигурно место за живеење – истакна Села, одговорајќи на новинарски прашања.
Граѓаните, напомена, се надеваат дека на 22 јуни ќе има некаков исход со Република Бугарија.
Се надеваме и како партија правиме напори да се крене ветото – потенцира Зијадин Села.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.