Директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми во текот на денешниот ден се очекува до Основното јавно обвинителство да ги достави најавените кривични пријави против обвинителите кои упаднаа во неговата канцеларија, објави Алсат-М.
Пријавите против Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска од Обвинителството за гонење организиран криминал се однесуваат на злоупотреба на службената положба и фалсификување службена исправа.
Неофицијално, пријавата се заснова на извештајот од надзорот на Основното обвинителство на Љубомир Јовески, во кој се констатирани низа неправилности при извршената контрола во Финансиската полиција од страна на Обвинителството за организиран криминал.
Според Финансиската полиција, обвинителите до судот доставиле лажни и невистинити податоци за да добијат наредба за претрес, без да се почитува Законот за кривична постапка.
Од друга страна, обвинителката Русковска, по најавите за тужби од Муареми, истакна дека врз неа се врши притисок и предупреди дека ќе ги објави наодите за кои тврди дека ги има против Муареми.
Од друга страна, тој побара од Русковска да поднесе обвинение против него доколку има докази.
Поддршка за своите постапки Русковска не доби ниту од Здружението на јавни обвинители. Всушност, тие рекоа дека таа му наштетува на угледот на обвинителите и го прекршила нивниот етички кодекс.
Конфликтот Русковска-Муареми експертите го оценија како криза на правосудниот систем која нема лесно да се реши поради политичките влијанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.