Владата и надлежните институции интензивно ја следат состојбата со пандемијата и врз основа на анализите и препораките на стручните лица и надлежната здравствена Комисија се преземаат мерки за заштита на здравјето на луѓето, за обезбедување на соодветни здравствени капацитети и функционалност на здравствениот систем, информираше претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски на вечерашната онлајн седница на Централниот одбор на партијата.

Членовите на Централниот одбор дискутираа за повеќе актуелни теми, здравствената криза предизвикана од пандемијата, мерките за заштита на здравјето на граѓаните и здравствениот систем, подготовките за почеток на училишната година, за мерките кои ги презема државата како одговор на глобалната енергетска криза и прашањата за продолжување на европскиот пат на земјава.

Беше посочено дека врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести, согласно препораките на УНИЦЕФ, наставата ќе продолжи со физичко присуство, со доследно придржување и спроведувањето на протоколите.

Во однос на глобалната енергетска криза беше нагласено дека се преземени сите мерки за обезбедување струја од домашно производство, решен е проблемот со парното во Скопје со преземање на компанијата од страна на државата, моментално фокусот е ставен на ликвидноста на компаниите и заштита на граѓаните и фирмите.

Беше оценето дека новата енергија и пристап отвора ново поглавје во односите помеѓу Македонија и Бугарија. Се одржа успешна меѓувладина седница на која беа формирани пет работни групи и се потпишаа важни меѓудржавни договори за проекти кои се од интерес на граѓаните од двете држави. Двете влади и надлежните министерства отворија соработка во областа на инфраструктурата, земјоделството, развој на малите и средни претпријатија, либерализација на превозот на стоки, намалување на цената на роамингот.

Посебен фокус, како што беше истакнато, се стави на железничкото поврзување на двете држави како и инвестиции во важни патни делници од Коридорот 8 што оваа година ќе биде приоритет за Владата предводена од СДСМ. Преку дијалог и меѓусебна почит може да дојдеме до решенија кои ги почитуваат европските вредности и достоинството на двата народи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.