Претседателот на Централното собрание на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на прес-конференција во седиштето на партијата во Тетово објави дека свикува седница на ова партиско тело за в сабота на која ќе се бара одговорност за претседателот на партијата, Арбен Таравари. Рече дека и покрај одлуката на партиските органи за АА да оди самостојно на парламентарните избори, Таравари решил да оди спротивно на ова по вчерашната објава на Фејсбук во која побара поддршка за АА да оди на избори заедно со опозициските партии на Албанците.

Претходно беше објавено дека Таравари, кој вчера јавно побара партиските органи да донесат одлука за настап со албанската опозиција на претстојните избори, за 24 часа собрал потписи за поддршка од 80 од вкупно 133 члена колку што брои Собранието на партијата.

– Иницијативата на претседателот Таравари доби поддршка од мнозинството собранија на АА. За 24 часа доброволно се собрани 80 потписи на Собранието од вкупно 133 колку што брои Собранието. Поголемиот дел од Собранието на Алијансата за Албанците е јасно за сигурна промена. Претседателот Таравари повикува на мудрост, зрелост и единство, за ДУИ конечно да биде испратена во опозициа. Промената доаѓа, се наведува во објавата на Фејбсук на АА.

Села на вонредната прес-конферемција рече дека ставот за самостоен настап на изборите е поддржан од 99 отсто од членовите на Централното собрание на партијата.

„Контрабанда на ставот на Алијанса за Албанците преку статуси на Фејсбук ние не можеме да дозволиме. Ја свикувам седницата на Централното собрание за во сабота на која ќе се одлучи за одговорност на претседателот на партијата како највисок орган кој решава помеѓу два конкреси“, рече Села.

Села кажа дека и покрај одлуката на партиските органи за АА да оди самостојно на парламентарните избори, Таравари решил да оди спротивно на ова.

„Алијанса за Албанците, како прво, не се продава. Не е на пазар. А не може никој, без да знае и која е цената, да ја продава. Затоа ние последниот став што го имаме во партијата, во Централното претседателство, е дека АА оди сама на избори. Тоа е став што е искажан и од претседателот на АА, Арбен Таравари“, вели тој.

Села го повика Таравари да дојде на собранието и да ја понесе одговорноста за, како што рече, сите нешта што ги направил на грбот на членството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.