На територија на државата има четири активни пожари, на планината Серта и во општините Македонски Брод, Кратово и Старо Нагоричане, информира попладнево Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов изјави дека повторно се разгоре дел од пожарот на планината Серта, на кракот зад воениот полигон Криволак во правец на реката Брегалница, во атарот на напуштено село Црешка. Со пожарот е зафатена поголема површина, а горат трева и грмушки и постои опасност пожарот да премине од другата страна на реката.
– Од тие причини на локалните пожарникари, кои го гаснат овој пожар и на десетина ловци од Ловечкото друштво од Штип, денеска како засилување испраќаме 25 припадници на Единицата за брзо распоредување на МВР, а околу 15 часот со дејство ќе почнат и два „ер трактора“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Наша цел е денеска повторно да го ставиме под контрола овој пожар, кој зафаќа сува вегетација, потенцира Ангелов, додавајќи ветерот прави дополнителни проблеми.
Директорот на ЦУК информира дека веќе неколку дена има пожар во општина Македонски Брод, кај ловиштето Јасен, кој е делумно под контрола и во неговото гаснење се вклучени вработени во ЈП „Јасен“.
– Во текот на денешниот ден изби уште еден пожар на територија на Кратово, во атарот на село Татомир. Во гаснењето се вклучени локални пожарникари со тим од „Национали шуми“. Четвртиот пожар е на територија на општина Старо Нагоричане, во атарот на село Степанце. На локалните пожарникари им помага и месното население, изјави Ангелов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.