ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија кога беше на власт последните години беше партијата која што всушност го отвори процесот на поголеми и покрупни капитални инвестиции во делот на патната инфраструктура, бидејќи таквите инвестиции се од огромно значење за економскиот развој на Република Македонија. И во таа насока без никаков сомнеж ние го поддржуваме секој проект кој што ќе значи понатамошен инфраструктурен развој на Македонија. И сметаме не само коридорите 8 и 10д, туку треба да разговараме и за остатокот од инфраструктурната мрежа кој што треба да се развива и во патната и во железничката инфраструктура, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски „Интервју во Шења“ на ТВ Шења.

Муцунски посочи дека уште во самиот избор на надзор на изградбата на коридорите 8 и 10д се отвораат сомнежи за неправилности и криминал, укажувајќи дека Македонија и граѓаните може да трпи големи штети во договорот кој што го потпишала владата со Бехтел и Енка, бидејќи преземала обврски кои што се во надлежност на собранието, а не на владата.

Суштински како концепт ние поддржуваме инвестиции во инфраструктурата. Во дадениот случај првите сомнежи поврзани со начинот на кој што се реализирал од договорна гледна точка овој проект, не го отвори ВМРО-ДПМНЕ, туку неколку медиуми кои што изразија сериозен сомнеж прво за надзорот на проектот, и понатаму сега веќе излегуваат сериозни сомнежи за тоа дали содржината на договорот кој што нашата влада го случила со конзорциумот Бехтел и Енка е добар договор, договор кој што е од интерес на граѓаните на Македонија. Имајќи во предвид фактот дека овој договор е веќе склучен, полноважен се отвораат дилемите и какви штети на среден и долг рок може да трпи Македонија заради нереализирани договорни обврски кои што владата ги преземала, а всушност ги преземала без да има овластување тоа да го направи, односно преземала обврски во името на другите институции дел од власта, како што е собранието, рече тој.

Муцунски рече дека според договор кои што свиркачи го доставиле до ВМРО-ДПМНЕ изградбата на коридорите 8 и 10д нема да кошта како што велат од владата 1,3 милијарди евра, туку многу повеќе.

Прво, суштински тоа што можеме да го видиме е дека овој договор нема да ја кошта Македонија како што беше кажано 1,3 милијарди евра, туку според нашите проценки и анализи на договорот кој што ние го имаме како ВМРО-ДПМНЕ многу повеќе, истакна тој.

Потпретседателот Муцунски изјави дека и нему му е нејасно зошто од владата го кријат договорот и зошто тој е класифициран.

 

Договорот е таен и класифициран и на мене ми е нејасно зошто е тоа така. Договорот не би требало да биде класифициран, потенцираше Муцунски.

На прашањето дали е направена компарација помеѓу изградбата на коридор 8 и 10д со изградбата на автопатот Кичево-Охрид, Муцунски објасни дека според пресметките овој договор веројатно ќе биде по километар минимум два до три пати повеќе од најскапото било кое автопатско решение изградено во историјата на Македонија.

Има компарација на неколку ставки. По нашите пресметки колку очекуваме крајниот износ да биде овој договор, овој договор веројатно ќе биде по километар минимум два до три пати повеќе од најскапото било кое автопатско решение изградено во историјата на нашата држава. Очекувањето е дека за овој договор може да достигне по тоа што го видов дека ќе достигне минимум 25 милиони евра по километар, а можеби и повеќе, кажа Муцунски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.