СДСМ континуирано вложува во унапредување и модернизација на здравството во државата, со капитални инвестиции и повисоки плати за здравствените работици, за обезбедување на подобри услови и услуги за лекување на граѓаните. Скопската Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, е модернизирана со набавка на нови апарати, во вредност од 1 милион евра, обезбедени од Владата предводена од СДСМ. Набавен е нов современ апарат за литотрипсија, нов апарат за мамографија со томосинтеза, и лапароскопски столб за изведување на минимално инвазивни хируршки процедури, кој веќе е ставен во функција во оваа Клиника. На Клиниката за ортопедија е пуштена во употреба комплетно реновираната современа хируршка сала, со што се заокружува еден процес кој значи осовременување капацитетите за лекување, интервенции и закрепнување на пациентите – стои во партсикото соопштение на СДСМ.
Оттаму додаваат дека со инвестиција од 15.000.000 денари, средства обезбедени од Фондот за здравствено осигурување и од донации, се овозможило Клиниката да има зголемен број на операции за 20% на годишно ниво а со новата опрема за пациентите се обезбедувала современа и комплетна грижа.
Новата Клиника во Козле, од институт за белодробни заболувања прерасна во клиника каде се овозможува и специјалистичка нега на терцијално ниво. Набавени се голем број на нови апаратури во клиниката за гастроентерохепатологија со комплетно реновиран нов оддел, потоа одделот ендокринологија, Клиниката за токсикологија, како и Одделот за педијатрија во Општа Болница Гостивар. Граѓаните од Сарај за прв пат по 50 години добија модерен поликлинички центар, вреден 1,3 милиони евра.
Реформите и инвестициите во здравство се еден од најважните приоритети на Владата предводена од СДСМ. Тој процес не застана ниту во време на најголема здравствена и економска криза, и затоа во изминатиот период се пуштени во употреба голем број нови реновирани здравствени објекти, како и нова опрема ширум медицинските центри во државата.
СДСМ продолжува со унапредување на здравството, за подобри услови за лекување на граѓаните – велат од партијата на власт
Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, Владата го ставила здравството „на апарати“.
„Без долгогодишна кадрова стратегија за континуирано надополнување на потребниот медицински кадар, без системска грижа за едукации и пренос на знаење и со нерешавање на статусот на голема група здравствени работници кои се со договор на дело и посветено работат и се грижат за граѓаните, Владата направи штета на долг рок, а здравството е вратено наназад за неколку децении. И додека трае неизвесноста и правните лавиринти за решавање на статусот на здравствените работници кои работат со договор на дело со години, функционерите од власта веднаш ги ухлебија своите семејни лози и тоа директно на терциерно здравство каде се третираат најкомплексните случаи. По серијата објави од поглавјето „позитивни промени во здравството“ до ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да пристигнуваат информации за вработувањата на цели семејни стебла покрај на министерот за здравство Фатмир Меџити, сега и на неговите советници и партиски функционери на оваа власт“.
Опозицијата постави и неколку прашања.
„Јавноста остана за покуса за отчет кога веќе и се полни устите со транспарентост за прашањата:
1.Дали шурата и свеската на Меџити се вработени во неговиот кабинет и по кои критериуми?
2. Дали и сопругата на министерот за правда Кренар Лога се вработи на Клиниката за стоматологија и дали нејзиниот брат е вработен како советник во кабинетот на Меџити?
Иако уште нема одговори за јавноста за овие прашања, во меѓувреме пристигнуваат нови информации за вработувања на семејните лози па јавно прашуваме:
Дали примерот со вработувањата на роднините на Меџити го следат и неговите советници?
Дали на Клиниката за гинекологија каде само за неколку дена имаше три скандали кои уште се без завршеток, на скандалозниот оглас се вработува и сестрата на Ајла Шабани, советничка во кабинетот на министерот Меџити, која работи исто така на Клиниката за гинекологија каде сега се вработува и нејзината сестра?
Дали и снаата на Зоран Верушевски, екс функционерот на СДС се вработи исто така на Клиниката за гинекологија?
Остана ли некој невработен од фамилиите на овие партиски функционери или можеби тие што останаа невработени се следни на листата?
Дека Владата воопшто не е загрижена за вработениот медицински кадар кој работи со договор на дело потврди и со манипулативната предизборна најава со која само направи конфузија кај овој медицински кадар и за ова и беа потребни 7 години за да сега пред избори започне со процедури за вработување кои се комплексни за сите освен за семејните лози.
Во меѓувреме, експресно се среди вработување за семејните стебла покрај на министерот Меџити и неговите советници, но и за децата на партиските функционери како ќерката на Мира Дизел, ќерката на директорот на Клиниката за очни болести и синот на директорот на Клиника за урологија.
Додека на терциерно ниво, каде треба да се третираат најкомплексните случаи се вработуваат овие непотистички лози, цели оддели се затвораат во болниците во внатрешноста заради неводење грижа за кадарот.
Дали Ковачевски се интересира за овие семејни стебла и негативна селекција на начин како што „се загрижи“ за семејните стебла во МНАВ или повторно има двојни стандарди?
Која инспекција ќе ги чешла овие непотистички вработувања во здравството кое го направија огромна семејна фирма на децата, роднините и партиските функционери на СДС и ДУИ?“, пишува ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.