По официјализрањето на влезот на Алијанса за Албанците (АА) во владината коалиција Ковачевски предложи реконструкција на Владата со која АА добива министри во три ресори со кои раководеше Алтернатива.

Лидерот на Алтернатива Африм Гаши по седницата на Централното собрание на која се одлучуваше дали и понатаму партијата ќе биде дел од извршната власт најави дека Алтернатива ќе гласа за уставни измени со кои Бугарите ќе бидат впишани во Уставот, иако партијата ќе делуваат опозициски.

Тој не ја криеше разочараноста од СДСМ за одлуката да им земат ресори кои им ги даваат на Алијанса за Албанците.

Во однос на програмските определби, нема дилема дали Алтернатива ќе поддржи или не. Но сметам дека СДСМ направи непромислен и ризичен потег за европските интеграции. Иднината ќе биде сведок дали сме биле во право или не. Да, ќе гласаме за уставни измени, за тоа нема дилема, посочи Гаши.

Гаши имаше остри критики на довчерашниот колициски партнер СДСМ.

Од друга страна имавме партија која не ги исполнува своите ветувања, која не знае што се европски вредности и дури и во етичка смисла не се достојни за партнерство, ние денеска одлучивме дека Алтернатива, заедно со тројцата пратеници и сите нејзини структури, отсега па натаму ќе биде опозициска партија, изјави Гаши и додаде дека со ваквите потези ќе произлезе и „дебаланс и во меѓуетничките односи“, и објасни што значи тоа:

Се креира перцепција дека СДСМ е заложник на Албанците. Тоа ќе предизвика меѓунационални недобри односи меѓу етникумите. А така некои политички партии кои се радикални, преку меѓуетничките односи ќе бидат посилни во Собрание. Најмногу важно за нас е што партиите можат ова да го злоупотребат и да го стопираат европскиот процес. Ние работевме на релаксација на етничките односи. Вака ќе предизвикаме тензии меѓу Македонците и Албанците.

Алтернатива излезе од Владата поради прекршување на договорот од страна на СДСМ.

Од СДСМ вчера порачаа дека на партијата на Гаши ѝ била понудена опција за продолжување на соработката.

Дадовме простор и предлог-решенија со својот кадровски потенцијал да дадат придонес во коалицијата, но, за жал, не дадоа свој предлог, со што де факто одлучија да ја прекинат соработката до овој момент. Партијата е добродојдена и нашата врата е отворена за некаква наредна соработка, но не само кон Алтернатива туку и кон сите политички партии или пратеници што и мислат добро на државата и коишто ќе застанат зад европскиот пат на државата како наша стратешка заложба, изјави партискиот портпарол и пратеник Дарко Каевски.

И премиерот Димитар Ковачевски денеска повтори дека вратата во Владата  останува отворена за оваа партија.

Алтернатива има исти стратегиски цели како што има и владината коалиција. Тоа се потврди и при усвојувањето на важните одлуки за отворање на преговорите со Европската унија. Во текот на изминатиот период имав редовни разговори со претседателот на „Алтернатива на кои кажавме дека со оглед на проширувањето на владиното мнозинство, треба да дојде до одредено кадровско рекомпонирање во Владата и во одредени институции. Низ тие разговори беа побарани одредени барања од страна на Алтернатива за кои тие разговараа во текот на четврток и петок, рече Ковачевски.

Премиерот рече дека за утре очекува конструктивна дебата во Собранието, каде што пратениците треба да расправаат за новите министри и заменици-министри по влезот на Алијанса на Албанците во Владата.

Очекувам предлогот да биде усвоен од страна на мнозинството во Собранието и Владата да продолжи на остварувањето на програмата којашто ја има зацртано до редовните избори во 2024 година, изјави Ковачевски за ТВ „Канал 5“ по учеството во донаторската емисија што телевизијата ја организираше за настраданите во земјотресот во Турција и Сирија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.