Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денеска побара оставка од лиерот на ВМРО – ДПМНЕ поради пресудата против експремиерот Никола Груевски за случајот „Плацеви на Водно“.

Пресудите за „Плацеви на Водно” се уште една потврда на она што граѓаните, македонската јавност, сите, многу добро го знаат:

ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија! Шефот на Мицкоски, избеганиот криминалец Никола Груевски, е осуден на 7 години затвор. Конфискуван му е имот затоа што незаконски го стекнал, перел пари, незаконски се богател преку криминални Белизе-шеми. Овој докажан и потврден криминален срам за ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски е огромен.

Прво затоа што во периодот додека се правеле овие криминалии, во 2015 година, Мицкоски му бил советник на Никола Груевски. А потоа, Мицкоски станува и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Во предметот „Плацеви на Водно”, избеганиот Никола Груевски практично ја ограбил и ВМРО-ДПМНЕ. Парите ги перел со Белизе шеми и други криминални начини за да купи плацеви од 11 илјади метри квадратни за себе на Водно. Зошто Мицкоски молчи? Зошто се уште го брани криминалецот, неговиот шеф? Барем за парите од ВМРО-ДПМНЕ нешто да кажеше? Или Груевски му е најаважен, тој му е над се? Има бројни пресуди и признанија на функционери од ВМРО-ДПМНЕ за криминал. Ниту Мицкоски, ниту неговата партија не се оградија од криминалот, не им се извинија на граѓаните, не побараа одговорност. Ниту еднаш. Почитувани, на сите ни е јасно зошто е тоа така. Единствената политичка агенда на Христијан Мицкоски сите овие години е како да ја кочи правдата, државата, за го одбрани криминалот на Никола Груевски. Во оваа нереформирана партија нема никаква промена. После сето ова, после овие пресуди и признанија за криминал од енормни размери нема друго, Христијан Мицкоски треба да си поднесе оставка.
Во едно демократско општество, како и насекаде во демократскиот свет, не може политичари кои бранат криминал да добијат доверба од граѓаните – рече Кузеска

ВМРО-ДПМНЕ возврати дека оставки ќе има, но и одговорност – како за раководството на СДСМ, така и за Владата.

„Точно е дека ќе има оставки, но и одговорност за раководството на СДСМ и Владата, веднаш по изборите. Времето за оставки ќе дојде кога СДСМ ќе ги загуби катастрофално предвремените парламентарни избори, кои бараме да се случат што побргу“, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Тие додаваат:

А по таквите оставки ќе следува одговорност. Одговорност како исчезнува масло од фабриките за канабис, кој е сопственичкиот удел на семејството Заеви во фабриките за марихуана низ Македонија.

Одговори и одговорност ќе има и за кого крадеше Мухамед Зекири. Каде отидоа парите од рекетот, а според Јовановски тие отидоа директно кај Вице и Зоран Заев. Одговорност ќе има и за политичките нарачки и тортури кои се случуваат против сите неистомисленици на власта.

Одговорност ќе има и за украденото оружје од охридската полиција, но и за сите тендери и матни зделки во РЕК Битола, и сите други институции и фирми кои беа користени за испумпување на пари од буџетот на државата, за сметка на луѓе блиски до власта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.