Министерот за здравство Беким Сали денеска коментирајќи го протестот на матичните лекари изјави дека пациентите не треба да бидат жртва на одредени задоцнети политики и посочи дека не успеале да убедат само мал дел од матичните лекари, односно околу 25 проценти од нив.
Очигледно ние како Министерство не успеавме да убедиме само еден мал дел, тоа се 25 отсто од матичните лекари. Слободно проверете, две здруженија од трите поголеми здруженија на матичните лекари не се дел од овој штрајк и не се вклучија во изразување на бојкот на работа во којшто жртви односно подебелиот крај го извлекуваат пациентите, а не системот. Затоа што измени во системот се прават преку разговори, а не преку штрајк во којшто за жал пациентите се тие што страдаат, порача Сали во одговор на новинарско прашање по настанот на тема „Справување со дезинформации околу вакцинацијата – потреби и предизвици“.
Според сали, не станува збор за протест, туку за штрајк со тридневно изразување револт кон политиките на Министерството за здравство.
Протестот на Здружението на приватни лекари започна вчера, а ќе трае и утре. Тие одлучија, преку мирен протест да побараат зголемување на капитацискиот бод, електронско здравство, бришење на дестимулативната скала, зголемување на буџетите за специјалисти и лаборатории и за рурални амбуланти, како и да не се затвораат ординации на лекари кои сакаат да продолжат да работат над 64 години“. Лекарите што се вклучени во протестот најавија дека нема да издаваат упати и рецепти, а ќе примаат само итни случаи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.