Американската Влада објави имиња на бизнисмени активни на Балканот кои ги става на нивната црна листа. Оваа мерка следува откако во неколку рунди веќе беа посочени бизнисмени и политичари како Јордан Камчев и Рамиз Мерко.

На новата листа се наоѓа мајката на Камчев – Ратка Куноска Камчева, како и руско-македонскиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина Самсоненко. Посочени се и низа компании на Камчев или заеднички отворени меѓу Камчев и Самсоненко – „Орка Холдинг“, „Камчев Консалтинг Скопје“, „Орка Фајнанс Скопје“, „Систина Лајф Кеар Сентар“ и синџирот кладилници „Бет Сити“. Во образложението се наведува дека Самсоненко и Камчева биле вклучени во корупција во врска со процесот „Плацеви на Водно“ и дека го помагале Јордан Камчев, кој веќе се најде на црната листа.

Во соопштението, подготвено од американскиот Секретаријат за финансии, се наведени и тројца политичари од Република Српска во Босна и Херцеговина, двајца политичари и неколку компании од Србија и можеби најинтересно – двајца бизнисмени од Црна Гора.

Еден од нив е Миодраг Давидовиќ – Дака, бизнисмен познат во Македонија по скандалот ШИК Јелак, a во наредбата за негово ставање на црна листа се спомнува и Зоран Заев. Во скандалот, кој во 2020 година го објави потпреседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, беше обелоденето дека Давидовиќ сакал да гради огромен станбен и деловен комплекс врз поранешната фабрика ШИК Јелак во Тетово. За таа цел, како што се дозна од негов тајно снимен разговор со Зоран Милески – Зоки Кичеец, Давидовиќ се среќавал со шефот на кабинетот на Зоран Заев, Драги Рашковски, при што давал мито за да се забрза процесот на издавање дозвола за изградбата на комплексот.

На снимката, Давидовиќ се жали дека на Заев и Рашковски морал да им дава пари, наводно за референдумот за промена на името, а по се изгледа како мито. И покрај тоа што пукна скандалот, Заев подоцна јавно се фалеше дека помогнал советот на општина Тетово да го одобри проектот и да се овозможи изградбата на комплексот на Дака, која се запре дури по промената на локалната власт во Тетово.

Давидовиќ исто така беше вмешан во скандал кој доведе до апсење на секретарот на македонската Влада, Драги Рашковски, најблизок човек на поранешниот македонски премиер Зоран Заев. Рашковски наводно примил мито од Давидовиќ за да овозможи средба со премиерот Заев, во полза на бизнис интересите на Давидовиќ, пишува во соопштението на американската Влада, во кое Заев е посочен, но не е и лично ставен на црна листа.

За Давидовиќ се додава дека бил вмешан во перење пари за криминални организации, изградил криминален бизнис заснован на шверц на цигари, нафта и оружје во Црна Гора и дека, како што посочуваше и Николоски, е поврзан со руски интереси на кои им помогнал да „ја поткопаат независноста на демократските институции и судството“ на Црна Гора.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.