Апсолутно ги поддржувам барањата на вработените во градинките. Заслужуваат покачување на нивните плати. Земаат плати кои се изедначени со плати на хигиеничари, на луѓе со пониско образование. Тие се грижат за нашите деца, за иднината на земјата. Децата се иднината. Тие се посветени на нашите најмили, ги воспотуваат, ги чуваат, ги учат. Но, за жал, не сме во можност да не ги носиме во градинка децата во знак за поддршка на нивните барања – коментира Билјана З., мајка на две дечиња кои одат во градинка.

Вели во овој период на вируси, грипови и пандемија ги има искористено сите можности за одмор, слободни денови. Пречесто е на боледување заради децата, поради што нема никаква опција да не ги однесе децата во градинка.

-За жал немам каде да ги оставам децата, немам опција, немам баба кој може да ми ги причува додека сум на работа. Да земам денови веројатно мене би ми следел отказ. Но тоа што ќе ги однесам децата во градинка, не значи дека не ги поддржувам барањата на просветните работници. Заслужуваат и треба да добијат достоинствена плата. Да потпишеме петиција, да испратиме писмо со поддршка, не знам што може да се направи за да кажеме и покажеме дека сме на нивна страна, но за жал, неносење на децата во градинка не ни е опција – коментира мајката.

Во групи на социјалните мрежи се покренуваат различни иницијативи.

Мајки што имате деца кои одат во градинка, дали сте за петиција да не ги носиме децата во градинка додека не им покачат плата? Да направиме притисок, како кога баравме продолжување на породилното! – коментира една мајка.

Но нејзиниот статус не наиде на целосна поддршка од родителите. Велат тос не е опција за оние кои нема кој да им ги чува децата, на оние на кои згрижувањето во градинка им е единствена опција.

-Во ред е тоа, се согласувам, меѓутоа што да правиме ние што немаме кој да ни ги чува децата, на кои единствена опција за згружување ни е градинката? Кој мене во тој случај ќе ми помогне. Петиција, потписи и слично може, но неносење на децата во градинка НЕ – коментира Мартина, мајка на детенце кое оди во градинка.

Мајките се едногласни дека воспитачите и негувателите заслужуваат повисоки плати. Велат тие се на нивна страна и ги разбираат нивните барања. Но неносењето на децата не е опција поради ризикот тие да го изгубат работното место поради земање слободни денови за чување на децата.

Дел од градинките ширум Македонија веќе им најавиле на родителите да не ги носат децата во понеделник. Дел пак оставиле на одлука на родителот. Оние кои имаат опција кои можат да се снајдат за згружување на детето, во понеделник нема да ја користат опцијата градинка. Останатите пак бараат петиција, писмо или било каков начин за да ја искажат својата поддршка за воспитачите, негувателите и останатите просветни работници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.